Кога пред десетина години го запознав Зоран Симјановиќ, немав дилема дека тој е најзначаен композитор на филмска музика во регионот.

Човек кој музички облече над 60-ина филмови, од кои барем десет музики се антологиски, одамна го има историскиот значај.

Заради тоа беше е во право драмскиот писател Душан Ковачевиќ, кога кажа дека музиката на Зоран Симјановиќ ја одбележа историјата на југословенскиот филм.

И ништо во овој живот да не направи откако ја осмисли музиката за култниот серијал „Грлом у јагоде“, ќе беше сосема доволно за еден век.

А, тоа беше само почеток...

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=bbm3_RnmUKk[/embed]

Во својата долга кариера, кога стана и престана да биде рокер, како што е и наслов на неговата биографска книга, која требаше да има продолжение во „Како станав и престанав да бидам композитор на филмска музика“, успесите не се добројуваат...

Симјановиќ на почетокот ја испишуваше историјата на српскиот рокенрол, уште во 60-тите со своите рок-бендови „Силуете“ и „Елипсе“.

Со сценска музика започна да се занимава уште во 1975 година и оттогаш тој создаде музика за над 60 долгометражни филмови, повеќе од 50 ТВ филмови и серии, повеќе од 50 цртани филмови и кратки филмови и повеќе од 500 реклами, како и 30 претстави во сите белградски театри.

Филмовите за кои Симјановиќ напиша музика се добитници на сите поголеми светски фестивали (Кан, Венеција, Монтреал, Манила, Сан Себастијан, Валенсија, Корзика...

А не се само филмовите во прашање. Култната шпица за ТВ Дневник на РТБ која за сите со подолг стаж во меморијата е синоним за информативна емисија е негово дело.

На наградите им нема број. Од „Златни арени“ во Пула до „Александар Лифка“ на Палиќ. Лифка - еден од пионерите на регионалниот филм. Киноматографер, кој создавал во исто време како и нашите браќа Манаки.

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=b4A5XzVB0TE[/embed]

Во разговорот кој пред десетина години го водевме, токму по повод наградата „Александар Лифка“, Симјановиќ ми кажа дека ја пронашол совршената македонска песна, и ја чува за соодветен филм.

Како што „Калеш бре, Анѓо“ во една поинаква верзија, убаво легна во култниот „Нешто помеѓу“...

Ако се прифати констатацијата дека човекот е суштество што ја обавува својата мисија, и си заминува, а неговото дело останува, навистина ќе имаме по што да го паметиме Симке – Зоран Симјановиќ... Не само ние, туку и нашите деца, па нивните деца. Додека е светот и векот...

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=-IYhD-IK9W8[/embed]

По виолината во „Петријин венац“, која ја обожаваше маркетинг-гуруто Иво Лауренчиќ, по „Флојд“ од „Национална класа“, „Пера трта“ од „Специјално васпитање“, по оној неверојатен Балкан буги во „Балкан Експрес“, по „Мирис пољског цвеќа“, „Ја сам жена на све спремна“ од комедијата „Увек спремне жене“, која пред неколку години ја оживееа „Фрајле“, па „Сајбија“ со Шабан Бајрамовиќ од „Анѓел чувар“...

„Зашто све што је лепо има крај“ – се прашуваше Оливер Драгојевиќ, во песната која ја компонираше токму Симјановиќ.

Зоран Симјановиќ ќе го паметиме по исклучтелно сензитивните теми, кои ги разубавија филмовите „Тито и ја“, „Маратонци трче почасни круг“, „Буре барут“, „Сјеќаш ли се Доли Бел“, „Сабирни центар“, „Лепота порока“, „Вирџина“, „Отац на службеном путу“, „Тајванска канаста“, „Жикина династија“, „Јагоде у грлу“, „Бал на води“... Брои – не се добројува...

Е, заради тоа Симјановиќ беше некој заради кого ги слушавме филмовите!


Место ПС..., едно кроки...

Постоеше непотишан договор, на збор, а тие договори имаат најголема вредност, меѓу претставниците на таканаречената „Прашка школа“ – Горан Марковиќ, Срѓан Карановиќ и Горан Паскаљевиќ, од една, и Зоран Симјановиќ од друга страна - секој нивен филм, музички да го облече токму Симке.

Смртта немилосрдно ја прекина оваа дружба лани, кога ненадејно замина Паскањевиќ. Сега, еве, и Симке...

- Јас со Зоран правев секоја секунда од тоа што го снимив и го создадов, и навистина не можам да замислам како ќе продолжам понатаму – изјави по веста за смртта на големиот композитор, режисерот Горан Марковиќ.

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=pKfmiK1LEHs[/embed]
- Од каде и да се има појавено, Ковид-19 е факт кој многу значително влијае на нашите животи, и ние сме немоќни кон тоа и не знаеме како да се ослободиме од него. Но, ќе се ослободиме од него еден ден. Само, не знам дали, како и во кој било хорор филм, прво ќе страдаат еден куп луѓе, а потоа ќе се најде решение... – изјави во едно од последниве интервјуа големиот Зоран Симјановиќ.

Почина на 11-ти април, во 75-та година од животот, токму од последиците предизвикани од Ковид-19.