
Според сите искуствени споредби во последниве 200 до 300 години, можеме со сигурност да кажеме дека инвестициите во златото се најсигурни, иако можеби не толку доходовни како хартиите од вредност, затоа што златото најчесто се купува поради неговата ценовна стабилност. Неговата вреднсот варира, но сепак, на долг рок, скапоцениот метал има секогаш нагорна линија.
Цената на златото урива рекорди, особено во периоди на висока инфлација, финансиска неизвесност, страв од варирањето на цените на хартиите од вредност на светските берзи, од цената на нафтата, од различни видови кризи, како пандемии, војни и променливата политика на големите светски играчи.
Деновивие неговата цена достигна 4.331 евра за унца (31,1 грама) или по 140 евра за грам. Тоа се должи на големата побарувачка за златото од страна државите кои, исто како и домаќинствата, сакаат да акумулираат нешто на кое и во најголемите безбедносни ризици, вредноста не му се намалува, или се намалува за мали проценти. Златото служи како диверзификација на депозитите — ако падне вредноста на валутите, златото често се движи во спротивна насока.
Најразвитените економии можат да си дозволат и најголема акумулација на златни резерви, па така, кој, ако не САД, имаат најголемо количество златни резерви кои изнесуваат 8 133,5 тони според Светскиот златен совет. Оваа бројка е далеку поголема од резервите на другите големи светски економски сили. Ако се пресмета по сегашната цена на златото (која постојано се менува), вредноста на ова злато може да изнесува стотици милијарди долари, или над 1 трилион USD. Околу 70% од нивните вкупни девизни резерви се во злато. Тие резерви го зајакнуваат статусот на доларот како светска резервна валута.
Иако денес доларот не е врзан за златото (по укинувањето на златниот стандард во 1971 година), големите златни резерви ја зголемуваат довербата во финансиската моќ на државата. По Bretton Woods System (1944–1971), доларот беше директно поврзан со златото. Тогаш Соединетите Американски Држави акумулираа огромни количини злато, па по напуштањето на златниот стандард, тие резерви останаа во трезорите на Американската централна банка.
По примерот на Амрика и другите големи економии, како Кина, Русија, Индија последниве години активно ги зголемуваат златните резерви.
Но, на второ место по резерви во злато е Германија со „товар“ од 3.350 тони кои се најголеми во Европа. Германските резеви му даваат силна поддршка за еврото и стабилност на германската економија.
Големата Русија располага со 2.300 тони и последната деценија најголемата земја во светот агресивно ги зголемуваше резервите, а се бележи намалување по санкциите што и ги воведе меѓународната зедница поради нејзината агресија на Украина.
Најбрзорастечката економија, Кина, на која веќе и е тесен и светскиот пазар, располага со 2.200 тони, но резервите постепено растат и постојано се купува, што можеби е и најголемата причина за зголемувањето на цената на златото. Од друга страна, економистите велат дека „сите јајца не се чуваат во иста кошничка“, па купувањето на златото може да се протолкува како распоредување (диверзификација) на сопствените инвестиции во различни вредности, као што е американскиот долар.
Според ови бројки САД имаат повеќе злато отколку Германија, Русија и Кина заедно. Кина и Русија го користат златото како алатка за намалување на зависноста од западниот финансиски систем, односно од доларот. Како што се гледа, светската економија се врти околу златото и околу доларот.
Но, со своите златни резерви, Европа, преку Германија, Италија и Франција, има силна позиција во светската економија и во глобалните економски движења. Италија има 2.450 тони, Франција 2.430 тони. Вкупно, земјите од ЕУ имаат над 10.000 тони злато. Тоа значи дека ЕУ како блок има повеќе злато од САД, но е распределено меѓу повеќе држави. ЕУ, како целина, нема „една“ резерва, туку резервите се во националните централни банки, плус во Европската централна банка. Тоа го прави еврото да има силна „златна подлога“, што ја зголемува довербата во европскиот финансиски систем.
Кога се во прашање земјите на БРИКС, статистиката вели дека, освен спомнатитие Русија, Кина - Бразил располага со 130 тони, Индија со 800 тони, Јужна Африка со 125 тони. Со новите членки на овој светски сојуз висината на златните резерви се зголемува, но не е повеќе од 6.000 – 7.000 тони.
Ако се цени според овие податоци, а и според сите други, САД се единечна најмоќна држава во светот.
Каде е Балканот, односно Македонија, во оваа споредба?
Податоците велат дека во нашиот регион Србија има најголеми златни резеви 38 – 41 тони и дека нашиот северен сосед во последниве години значително ги има зголемено резервите, дури нејзините власти соопштуваат дека нивното злато тежи и повеќе и достигнува до 50 тони.
На второ место е Македонија со резерви од околу 7 тони, Албанија и Босна и Херцеговина имаат по колу 3,5 тони, Хрватска 2 тона, Црна гора 1 тон, а Косово нема резерви во злато. Земја што не се смета дека е дел од нашиот регион, затоа што е членка на Европската унија, Бугарија, располага со околу 43 тони злато.
Како што може да се заклучи, вложувањето во злато, не само на државите, туку и на поединците, може да биде добра инвестиција, но сепак во моментов неговата цена е многу висока. За да се инвестира, односно да се задржи или да се оплоди инвестицијата треба многу добро да се размисли или да се консултираат инвестиционите фондови, затоа што постојат инвестиции со поголем ризик, но со побрз обрт.
За цената на доларот – во следната прилика.