Денес живееме во ера на економска логика што ја поддржува кражбата во светот на технологијата. Живееме под контрола на империи од апликации вредни милијарди.

Шошана Зубоф (73) на оваа реалност, меѓу другото, и го остави и терминот „надзорен капитализам“. Таа е меѓу првите жени што добиле професорско место на најпрестижното бизнис училиште (Харвард бизнис школа). Таму и се пензионирала, но нејзината работа не запрела. Напротив. Пред неколку години, таа ја објави студијата „Ерата на надзорниот капитализам“ и со тоа поттикна цел бран дискусии за новата ера на економијата и (владеењето) управувањето со компании што се занимаваат со собирање и трговија со лични податоци.
Зубоф овој вид капитализам го крстила „надзорен“ и застанала на страната на заштитата на податоците и правото на приватност.
Нов бизнис модел
Заканата за демократијата што е во сила денес, според Шошана Зубоф, е бизнис моделот воспоставен од компании како Google и Apple. Овој модел се базира на извлекување податоци за секој корисник на услуги од овие две куќи и манипулација со добиените податоци, односно нивните сопственици.
Нападот и критиките на професорката Зубоф не се насочени кон самата технологија, туку кон економската логика што ја поддржува, а тоа е кражба. Таа истакнува дека секој би можел да ги користи сите добиени лични податоци и предвидувања за општото добро, почнувајќи со наоѓање на најкраткиот пат до посакуваната дестинација или помош со текстуални одговори. Без собирање податоци, овие функции не би биле можни.
Зубоф го споредува надзорот на кој секој е изложен денес со кинеската држава.
„Ова е свет каде што приватноста е задушена. Приватноста денес е зомби категорија. Денес, никој од нас нема приватност, дури ни во 2000-тите кога размислувавме за тоа“, изјави неодамна Зубоф за Фајненшл тајмс, притоа додавајќи:
„Денес, не можеме да „влеземе“ во технолошките компании за да знаеме што навистина се случува. Ги користиме нивните производи, од мрежи и апликации до веб-страници, со спуштени очила. Не го разбираме доволно нашиот противник.“
Апликација, Маск и Твитер
Што мисли Зубоф за преземањето на Твитер од страна на Маск? „Денес имаме политичари, пратеници, избрани функционери, како и целото граѓанство кои се фокусирани на еден човек и го поставуваат прашањето: Што ќе прави тој? Нашата политичка стабилност, нашата способност да препознаеме што е вистина, а што е лага, и до одреден степен нашата разумност, се доведуваат во прашање секој ден во зависност од тоа какви одлуки и потези донел еден Елон Маск. Сметам дека ова е фундаментално неподносливо.
„Овие простори не можат да постојат само под корпоративна контрола. Две децении сме во дигиталната ера и како демократија никогаш не сме го виделе значењето на овие технологии“, уверува Зубоф.
Економската моќ која денес на Фејсбук и сличните платформи им ја даваат личните податоци, произлегува од монетизацијата на дигиталните животи. Она што денес го нарекуваме „апликации“ всушност, според зборовите на Шошана Зубоф, се „масивни империи за надзор вредни стотици и стотици милијарди долари, а ние сè уште ги нарекуваме „апликации“.
Масовно уништување на приватноста
Додека секој денес им дозволува на овие технолошки империи да генерираат огромни бази на податоци, природата на општеството се менува.
„ Ние им дозволуваме да го прават тоа, да собираат гигантско знаење за луѓето. И наместо ова да биде златно доба на демократизација на знаењето, тоа се претвори во нешто многу различно од она што секој од нас го очекуваше. Во последните 20 години, особено во последните 10, се случи масовно уништување на приватноста“, изјави Зубоф за „Њујорк тајмс“.
И, оперативно, она што се случува е дека компаниите и платформите дознаваат толку многу за секого што можат да создадат механизми за таргетирање на изборот и однесувањето.
„Не зборуваме само за таргетирани реклами. Зборуваме за потсвесни и психолошки микро-влијанија, награди во реално време, казни, алатки за алгоритамски препораки, инженерска динамика на социјална споредба“, вели Зубоф.
И зошто е толку важно луѓето да ги разберат сите овие точки поврзани во еден процес?
„Важно е затоа што тој процес се нарекува „како знаењето станува моќ“, објаснува оваа професорка.
Надзорен капитализам или демократија?
Во интервју за Фајненшл тајмс, Шошана Зубоф цитираше податоци од неодамнешно истражување кое вели дека секој во САД ја има својата локација изложено 747 пати на ден. Во Европа, за која велат дека има „најдобра регулатива“, тој број е 376. Не ви вети ли Закерберг дека по пристигнувањето во непознат град, ќе добиете препорака каде да ручате, каде шанкерот ќе ве чека со вашиот омилен пијалак?
И додека за повеќето, најголемото влијание на законите за приватност се досадните скокачки прозорци што се појавуваат секој час, надзорниот капитализам работи неуморно.
„За да се укине, потребни се нови закони што ќе им овозможат на општествата да одлучат: Што точно се податоци? Што споделуваме? Со кого и за која цел?“, вели Зубоф.
„Наместо тоа, технологијата напредува и сега сме сведоци на ChatGPT, кој сè потресе. Ги шокираше луѓето и нè принуди сите да препознаеме колку далеку стигнала вештачката интелигенција практично без закони и демократско управување.
А развојот на вештачката интелигенција се потпира на кражба на лични, човечки податоци“, тврди авторот на „Ерата на надзорниот капитализам“.
На прашањето- Ако погледне во иднината, во 2030 година, што гледа? На што се обложува?, Зубоф вели:
„Инвестирам во демократија затоа што тоа е најдобрата идеја што луѓето некогаш ја имале, без оглед на сите нејзини несовршености. Кога се будам секое утро, размислувам што можам да направам за да придонесам нашите општества да ги удвојат принципите на демократијата“, но таа исто така додава:
„Можно е да имаме надзорен капитализам и можно е да имаме демократија. Не е можно да ги имаме и двете.“