Жито Лукс со добивка од 5,5 милиони денари во првото тримесечие од 2021 година. Компанијата со остварената нето добивка во вредност од 5.5 милиони денари го претвори негативниот резултат од претходната година во позитивен (2020: -7 милиони денари).

Жито Лукс со добивка од 5,5 милиони денари во првото тримесечие

Бруто добивката е подобрена за  осум проценти (или +5.7 милиони денари). Додека оперативната добивка бележи пораст за 12 милиони денари во однос на првото тромесечие од 2020 година, стои во коментарот за резултатите од работењето објавено на Македонска берза.

Пораст на приходите од продажба на странски пазар


Жито Лукс АД Скопје во првиот квартал бележи намалување на приходите од продажба за четири отсто. Генерално тоа е ефект од COVID кризата започната минатата година (вонредно зголемена побарувачка на производи од сегментите брашно и леб со подолг рок, во март 2020).

Приходите од продажба на домашен пазар бележат намалување за шест отсто. Додека приходите од продажба на странски пазар се зголемени за 39 отсто во споредба со првото тромесечие минатата година.

Намалени расходи


Трошоците на произведени производи се намалени за осум отсто, следејќи го трендот на намалување на продажбите. Но и поради зголемен фокус на Компанијата кон рационализација на трошоците и зголемување на продуктивноста. Ова доведе до значително подобрување на Бруто профитната маржа која достигна 29 отсто во 2021година споредбено со 25,7 отсто во истиот период минатата година.

Трошоците за продажба и дистрибуција се намалени за девет проценти. Додека административните трошоци бележат намалување од 14 отсто.

Финансиските расходи се намалени за 20 отсто, односно се пониски за 894 илјади денари споредбено со првото тромесечие од минатата година.

Идни аспекти


Компанијата успеа да ги оствари планираните резултати во првото тромесечие од годината и покрај продолжениот притисок предизвикан од COVID кризата, која резултираше со зголемени оперативни трошоци.

Процесот на модернизација на производството продолжи со инвестиции и во 2021, водејќи кон поквалитетни и поекономични производствени процеси. Позначајна инвестиција во оваа година е новата машината за пакување тост леб на парчиња, која се очекува да донесе дополнителни заштеди за Компанијата.

Стратегијата на Компанијата е насочена кон проширување на постоечките пазари и влез на нови. Потоа, воведување на нови производи со додадена вредност кои ќе ги задоволат потребите на купувачите, проследени со силна медиумска подршка на истите.