Минатата недела во Белград се одржа саемот на земјоделство во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“. За повеќе информации и впечатоци од оваа нова регионална иницијатива ја побаравме Ленче Николовска која непосредно ги следеше активноститие на „Отворениот Балкан“ и на саемот за земјоделство.

Николовска е агроном по вокација, агроновинар, сопственик на консалтинг фирма и на специјализираната земјоделска платформа „Агротим“. Таа, за Анторис, вели дека е мошне активна и на теренот со консултации во земјоделската политика.
· Колку фирми, од кои земји, учествуваа на саемот на зејоделство во Белград?
- Проектот „Отворен Балкан“ го следам од самиот почеток на создавањето, од перспектива на можноста што ја нуди за нашите земјоделци и агрокомпании, а тоа е заеднички пласман на земјоделските производи и нивни преработки. Колку е ова потребно, можеше да се види и на Меѓународнит саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворениот Балкан“ што се одржа деновиве во Белград и е прва активност од овој тип на мисијата „Отворен Балкан“. Голем број винарии на убаво уредените штандови ги презентираа вината, ги раскажуваа приказните како се создадени, ги промовираа сопствените брендови. Од домашните винарии, освен поголемите и веќе етаблирани домашни винарии, на посетителите на саемот им се преставија и помалите семејни винарии со своите квалитетни вина.
На „Винската визија на Отворениот Балкан” на Белградскиот саем учествува речиси 400 излагачи и производители на вино од повеќе од 22 земји, од кои 160 излагачи од Србија, 26 од Албанија, додека 47 излагачи беа од Македонија. Покрај земјите-членки на „Отворениот Балкан“, изложувачи имаше и од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Франција, Чиле, Аргентина, Италија, Романија, Молдавија, Јужна Африка и други земји.
· Дали саемот ја оправда целта, ваша оценка на прв поглед?
- Се разбира дека мојата оценка е позитивна, врз основа на разговорите со учесниците на саемот. Вториот ден од саемот го посветив на разговорите со нив. Винската визија на „Отворениот Балкан“ ја дебатиравме со претставници на винариите, правевме планови за промоција на вината и на руралниот туризам со директори на институции и на меѓународни проекти, а со трговците го анализиравме пазарот на вино. Заедничкиот впечаток ни беше - саемот ја оправда целта, ангажманот на земјите организатори на достојно ниво, посетеноста – одлична, останува следливоста како процес, да не застане овде активноста и да се видат реалните ефекти.
· Дали мислите дека саемот, односно контактите што се остварија за време на оддржувањето, ќе поттикен поголема соработка или зголемен обем во трговијата со земјодлески производи?
- Јас сум убедена во тоа, поточно тоа веќе се случува. Особено ме охрабрија изјавите на стопанствениците кои учествувале во создавањето на „Отворен Балкан“ и кои не го криеја задоволството од актуелната Влада во реализирање на сите нивни барања и очекувања. Долги години сум на некој начин дел од агросекторот и верувајте ретко слушам позитини оценки за работата на Владата и институциите задолжени за овој сектор од бизнис секторот. Тоа за мене беше најдобрата потврда дека “Отворен Балкан“, саемот и воопшто сите активности поврзани со овој процес е вистинска работа.
· Што треба да се направи, во законодавството, за трговијата да се олесни?
- И одговорот на ова прашање го имаат заеднички бизнис секторот и владините институции. Имено, тие што ги живеат проблемите најдобро ги знаат и решенијата. Ако се продолжи таа соработка со меѓусебно разбирање, верувам дека ќе се надминат сите проблеми. Иницијативата Отворен Балкан почна со примена на Договорот за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храната и фитосанитарната политика што беше потпишан помеѓу Македонија, Србија и Албанија, со кој се предвидува поедноставување на царинските постапки и олеснување на транспортот на храна. Овие договори, ќе обезбедат слободно минување на границите помеѓу државите и отворање можности за слободен проток на стока и капитал, како и обезбедување увоз-извоз и на земјоделски производи и жив добиток врз основа на реципроцитет. Зелените коридори на граничните премини за земјите од „Отворениот Балкан“ веќе функционираат, што претставува големо олеснување за економските оператори. Признати во сите три земји се фитосанитарните сертификати и трговијата со растенија и растителни производи се одвива непречено.
· Има ли шанси сето ова да профункционира бргу/наскоро, за олеснување на кризата што доаѓа како последица на војната во Украина?
- „Отворениот Балкан“ дефитивно е добро решение и голема поддршка за домашните компании кога се работи за извоз, но и за увозот на неопходните суровини. Но, јас сепак би завршила со потенцирање на поголем развој на домашното производство, особено во аграрот, стимулирање на производство на стратешките култури, зголемување на домашното производство, приносот, но и квалитетот. Само така ќе можеме да бидеме конкурентни на заедничките пазари, да имаме количини за цела година, а не само сезонски, да се натпреваруваме со квалитет, со премиум производи и да ги користиме предностите што ги нуди „Отворениот Балкан“. Во таа насока особено е важно да се користат фондовите што им стојат на располагање на домашните компании, да аплицираат за грантови, за нова технологија, да го развиваат руралниот туризам и воопшто руралниот развој. Покрај мерките од Програмата за рурален развој, се очекуваат и повици за Мерки од ИПАРД 3, а тоа се близу 100 милиони евра наменети за развој на агросекторот. Тоа е наша предност, лидери сме во регионот по искористеност на ИПАРД и кон тоа треба да се стремиме, да се повлечат што е можно повеќе пари од европските и други фондови. „Агротим Консалтинг“ ја има токму таа улога, да им помогне на земјоделците и агробизнисмените полесно да дојдат до грантови за сопствените инвестиции.
· Што е Агротим?
- Тим од искусни консултанти и експерти од различни области и професионалци заеднички го сочинуваат секторот АГРОТИМ КОНСАЛТИНГ. Мисијата што ја поставивме со формирањето на секторот е поддршка на компаниите и земјоделските производители преку сериознен пристап и професионалност во подготвувањето на апликациите за да се повлечат што повеќе средства од европските фондови, грантови или да се искористат поволни агрокредити. Долгогодишното искуство во агросекторот ми покажа дека најважна е навремената и точна информација што треба да ја имаат земјоделците и компаниите за одредени повици и можности за користење државна помош како и пари од европските и други фондови. Овде важен аспект од целата активност е и стекнувањето на доверба во институциите кои се во функција на сите чинители во агрокомплексот, како и доверба во професионалците од оваа област – консултанти чии услуги треба да ги користат апликантите за да бидат сигурни во професионално изготвената апликација.