Во земјите на Европската Унија, младите луѓе учествуваат со само околу 12 проценти во управувањето со земјоделските стопанства – слика што многу наликува на нашата.
Трендот е загрижувачки, па затоа прашањето за младите во аграрот станува централна тема во европската визија за рурален развој до 2040 година. На денешната 13. сесија на Работната група 1 за земјоделство и рурален развој беше истакнато дека опстанокот на овој сектор зависи токму од генерацискиот пренос и од создавање услови младите да останат, а не да заминуваат.
Податоците покажуваат дека „младите“ земјоделци во просек имаат 57 години, што јасно говори дека земјоделството старее. Падот на интересот се должи на нестабилните приходи, сложената бирократија и регулативи што ги одвраќаат новите генерации. Како можни решенија се наведуваат дигитализацијата, иновативното претприемништво и новите модели на земјоделско работење.

„И кај нас бројките не се пооптимистички – само околу 12 проценти од стопанствата ги раководат млади луѓе,“ истакна професорката Александра Мартиновска Стојческа од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Според неа, ниската профитабилност што го ограничува инвестирањето, недостигот на пристап до основни услуги во руралните подрачја, родовиот јаз и административните оптоварувања се меѓу главните причини што ги оддалечуваат младите од оваа професија.
Таа додаде дека европските политики сè повеќе тежнеат кон создавање привлечен и модерен агро сектор што ќе го врати интересот кај младите. „Не можеме да замислиме земјоделство без младите – тоа би било систем без иднина,“ рече Мартиновска Стојческа.
Амбасадорката на Словачка во Македонија, Ивета Хрицова, подвлече дека земјоделството е значаен дел од економијата и културата на земјата.
„Овој сектор нуди сериозен потенцијал за натамошен развој и поголема конкурентност. Словачка продолжува со конкретна поддршка, не само финансиска, туку и експертска, особено во делот на европските стандарди за агро секторот,“ појасни Хрицова. Таа нагласи дека младите луѓе се, всушност, моторот на промените и на економскиот раст.
Милева Ѓуровска, професорка и национален координатор на НКЕУ-МК, оцени дека земјоделството останува темелен сектор кој бара нов пристап.
„Младите денес не го доживуваат селскиот живот како наметната судбина. Тие бараат перспектива и сигурност,“ истакна таа.
Според Ѓуровска, старите модели на „земјоделие за преживување“ одамна се надминати. Во Европа веќе се гради нов концепт – земјоделецот е специјализиран производител, а селото динамична заедница поврзана со пазарот.
Мислењата на младите земјоделци во Македонија се поделени. Дел сметаат дека интересот се намалува поради негативните стереотипи и отсуството на конкретна поддршка, додека други забележуваат постепено оживување.
„Недостигот на знаење, обука и информации е најголемата пречка,“ објасни Горан Балески, претседател на Првата органска задруга од Валандово.
Тој рече дека младите имаат ентузијазам, но им недостига системска потпора – не само финансиска, туку и едукативна, маркетиншка и инфраструктурна.
Професионалниот пчелар Иван Додевски посочи дека токму пчеларството станува еден од секторите што полека го враќа интересот кај младите.
„Потребно е повеќе практична едукација и пристап до опрема. Во последните години гледаме сè поголем број млади кои сакаат да се занимаваат со оваа професија,“ рече тој.
На дебатата учествуваа стручњаци од Македонија и Словачка, млади фармери, претставници на граѓански организации и универзитети. Преку активен дијалог се градеа идеи и предлози како да се создадат подобри услови за младинско претприемништво во руралните средини и да се поттикне улогата на младите како двигатели на идниот развој и иновации во агро секторот.