
Вчера една регионална вест премногу ги натажи луѓето кои живеат во светот на музиката. Почина познатиот дизајнер Бранко Гавриќ. За поупатените – човекот кој визуелно го осмисли „Пакет аранжман“, еден од најважните албуми на регионалната сцена.
Трагично! Две недели откако на вечен пат ја испрати сопругата Мици, по што, како што напиша на фејсбук – повеќе ништо нема да биде исто. И не беше.
Бранко почина од последиците на хирушки зафат. Ненадејно…
Роден е во 1955 година и за време на својата богата кариера ги потпишува кориците на албумите на „Електрични оргазам“, Elvisa J. Kurtovich, Корнелиje Ковач…
Гавриќ беше автор на насловната страница за еден од најважните рокенрол албуми на овие простори – „Пакет аранжман“. Не само што ја направи насловната страница, туку беше одговорен и за самото име на легендарната компилација, која на едно дискографско издание за прв пат ги претстави белградските групи „Шарло Акробата“, „Идоли“ и „Електрични оргазам“.

Со Бранко договаравме интервју, по повод 40 години од „Нови вал“, „Пакет аранжман“ и реизданијата на „Croatia Records“.
Некои прашања никогаш нема да бидат одговорени…
Затоа го пишувам текстот. Во спомен на Бранко, еден неверојатно добар дизајнер. И човек. Нешто како новинарски Requiem. За Кумот на „Пакет аранжман“.
Иако не се познававме. Иако на „Анторис“ одамна кажавме дека нема да пишуваме „постхумни текстови“, оти е пречесто ова што се случува.
Ова е еден од ретките исклучоци. Нешто како враќање стар долг. Кнедла во грлото што треба да се голтне…
Убаво напиша Горан Стефановски, иако во поинаков контекст – немаме солзи да доплачеме, се што се случува околу…
Никој не можеше да претпостави каков фидбек ќе има од реизданијата на винилите од „Новиот бран“. Филм, дискусии, трибини, изложби…
Во таа чест, Бранко неодамна се појави на отворањето на изложбата „Пакет аранжман (1981-2021)“ на Калемегдан во Белград, а како поминаа четири децении од објавувањето на култниот албум, тој се присети од каде му дојде идејата за насловната…

– Западот знае малку за нас, нè става зад железната завеса. Но, во тој момент музиката во Југославија не заостанува зад Европа и Америка. Па затоа беше потребно само да му се претставиме на тој Запад, да се донесе во Белград на обиколка.
И тоа без никакви украсувања. И така, „Пакетот“ стана за туристичко-музички „Пакет аранжман“ – кажа Бранко, додавајќи дека кога им го претставил концептот за насловната страна на музичарите од „Идоли“, „Шарло Акробата“ и „Електрични оргазам“, во кафеаната „Коларац“ – сите до еден биле против тоа решение, бидејќи „сите го гледале проектот како личен и имаа свои идеи за насловната страница“.
Но, Енцо Лесиќ, во чие што студио „Друга Маца“ се случуваше целата ујдурма, го имаше пресудниот збор:
– Ова е одлично, и ова ќе оди!
Како дете воопшто не го разбирав омотот. Црвена насловница, а на средина белградското сивило каде доминира импозантната стоковна куќа „Београд“. А внатре, најубавите музички разгледници, најубавите звуци. Модерна музика и за светски поими во тоа време.
Денес се склопија коцкичките, и знам дека едноставно не можело поинаку. Тоа беше – Тоа!

Во знак на сеќавање и почит кон Бранко Гавриќ, Синиша Шкарица, тогашниот уредник на „Југотон“, и некој кој ширум им ги отвори портите на дискографијата на бендовите кои му припаѓаа на „новиот бран“, го потенцираше извадокот од книгата „Творница глазбе – Приче из Дубраве“, каде се зборува токму за култниот „Пакет аранжман“.
– …Така, на почетокот на јануари 1981 година, кога, по неколку верзии на редоследот (во која немаше место за „Маљчики“, издвоени со „Ретко те гледам со девојки“ само за потентен сингл!), конечно ги доставив уреднички податоци за финалната, во големиот регистар на матичната книга на винилки на Југотон, под каталошкиот број LSY-66118, сè уште имаше долго чекање на изданието заведено под насловот „Produkcija ‘Druga maca’ br. 1 – Beograd“.
А се чекаше уметничко решение на Бранко Гавриќ, висок, коскест дизајнер, за кого не знам ниту денес по чија препорака беше избран.

Рационалниот, или, ако сакате, непривлечен омот, иако се забележува поради широката јапонско-црвена рамка (обвивката, која од друга страна совршено ја плагира сликата на социјалистички сив и скржав метрополитски неон, навидум кој воопшто не беше во допир со содржината на изданието), го „спасува“ интервенција на мултиплицирана, колективна фотографија на нашите протагонисти.
Внатрешната обвивка, вешто расфрлани црно-бели разгледници, остава можност да се напишат текстовите на сите песни, наместо поздрави од екскурзијата низ главниот град.

И, конечно, најважната работа: со решението дојде и предлогот на дизајнерот со целосна инструкција за содржината: „Шарло Акробата & Идоли и Електрични оргазам – Белград – Пакет аранжман“!
Исфрлените имиња напред станаа познати и излишни, па ќе остане само „Пакет аранжман“. Немаше ништо повеќе за додавање или одземање.
Совршена содржина со вроден наслов! – напиша Шкарица во вториот том од своето ремек-дело „Творница глазбе“.
Почивај во мир драг Бранко Гавриќ!
Иван Беќковиќ
Фото: архивата на Бранко Гавриќ и Croatia Records