
Дека мора домашната економска политика да биде насочена кон стимулирање на домашното производство, земјоделско и индустриско, по кој знае кој пат тоа го покажа актуелнава светска економска криза што дојде со пандемијата и со војната во Украина. Штом имаме увезена инфлација, и најголемиот лаик во економската теорија ќе сфати дека таа е внесена со стоките што се увезуваат. Ајде - нафта немаме, ама се друго имаме, освен здрав концепт за развој на домашната економија, одговорност и доследност во спроведувањето на добрите идеи. Значи, многу пати сите раководни структури биле „опоменати“ од сите досегашни кризи дека мораме сами да произведуваме, тоа производство да биде конкурентно, дека „марифетот“ за такво производство треба да излезе од домашната наука во која ние не инвестираме речиси воопшто. Најпогубна се покажа економската политика која се потпира на изреката: „не се исплаќа да произведуваме – кинеските стоки секогаш се поевтини од нашите“! Со тоа признаваме дека „кинезите“ се далеку попаметни од нас, па нашиот пазар можат да го уништат.
Во вакви матни ситуации, уништувањето на економијата е поткрепено и со шпекулативни покачувања на цените, нелогичното зголемување за над 20 насто и тоа за 24 часа, воено профитерство, демек сега му е мајката во оваа јагма да качиме колку што можеме, и така пазарната контролата никогаш не била ефикасна, прво затоа што нема доволно кадар да го покрие целиот пазар, а богами тука лежи и митото и корупцијата.
Монетарната власт ја зголеми основната каматна стапка (во последниов кризен период почна од 1,25, 1,75) на 2 проценти, што значи дека прави стерилизација на количеството на парите што циркулираат на домашниот пазар, мерка со која ќе ја намали побарувачката што не е логично, зашто пари и така нема. Кредитите ќе поскапат, на граѓаните што зеле кредит по договори со променлива каматна стапка, врќањето ќе им стане потешко, ќе треба да вратат повеќе пари.
Останува една олеснителна околност, тоа е цврстиот курс на денарот! Додека трае оваа монетарна политика, цврста врзаност на денарот со еврото во сооднос 61,5 денари, и покрај сите ценовни турбуленции – немаме гајле. Можеме да имаме само акутна главоболка што ќе помине со минувањето на кризата, па така и каматитие ќе се намалат. Тие што тврдеа (новинарски дилетанти) и што тврдат дека дошол крај на евитните кредити, ќе се срамат од своето незнаење. Каматните стапки ќе паднат кога ќе се создадат усливи за тоа, зашто пласнамот на парите е единствениот економски резон на банките, како и на продавачот на патлиџани на зелениот пазар. Штом ќе се создадат услови за тоа, Централната банка ќе ја спушти референтната стапка, која и сега воопшто не е висока, туку спаѓа во релаксативните основни камтани стапки.
Во моментво и централните банки на најголемите светски економски сили ја зголемуваат основната каматна стапка. Претседател на американската централна банка (ФЕД), Џером Пауел, вели дека ова е најголемото зголемување на каматните стапки од 1994 година и ќе влијае на милиони американски бизниси и домаќинства, зголемувајќи ги трошоците на кредитите за домови, за автомобили и за други заеми со цел да предизвика забавување на економијата.
Ќе повториме дека ова не е вистинскиот лек при сиромаштија, но тоа се вика ЗАТЕГНУВАЊЕ НА РЕМЕНОТ за да не ни паднат панталоните.
Централната банка информира дека тоа го прави „поради растот на цените на примарните производи на светските берзи и застоите во синџирите за снабдување, кои влијаат и на останатите видови производи, инфлацијата бележи нагорни движења во светски рамки. Ваквата појава е присутна и во нашата економија, во која значителен дел од домашните потреби се задоволуваат преку увоз – ние имаме највисок степен на трговска отвореност меѓу земјите на Западниот Балкан“.
За македонската економија поголема грижа треба да биде веста за незадоволството на странските инвеститори кои имаат намера да ја напуштат земјава сосе своите инвестиции. Ако сте забележале, секоја власт сака да се пофали колку странски инвеститори привлекла со својата економска политика. Ако е тоа инвестиција на „зелена ливада“ („гринфилд“, демек од темел) тоагаш тоа се смета за голем успех. Но, пред неколу дена странските инвеститори јасно и гласно кажаа дека економскиот амбиент во Македонија не чини. Речиси една третина од странските инвеститори во Македонија јасно кажаа дека би го преселиле бизнисот во друга држава.
Станскиот капитал како зајак е плашлив од нестабилен економски амбиент, како човек што им се тресе на своите пари заработени од чесна и мачна работа. Така и инвеститорите се плашат за сигурноста на своите пари, затоа што до толкави пари не се доаѓа лесно, освен ако не се работи за црни пари. Тие најголеми забелешки имаат на криминалот и корупцијата, на неефикасната јавна администрација и на нефункционалниот едношалтерски систем, правната несигурност, политичката нестабилност и инфраструктурата. Што се однесува до патната инфраструктура, која економиститие ја сметаат за крвоток на целата економија, имаше наши раководни клучни политичари кои тврдеа дека на Македонија не и требаат патишта, затоа што граѓаните не патувале многу. Е, па, ако не им верувавме на домашните еконимисти, сега тоа го чувме од странските инвеститори за кои молевме да ни дојдат, а тие најавуваат заминување токму од тие причини. Само еден пример: во Македонија има околу 200 компании со германски капитал, кои вработуваат околу 20.000 лица...
Жален е фактот што Македонија не успеа економски да се осамостои, барм колку што е можно повеќе во овој економски глобализиран свет. Остана најсиромашната земја во Европа и една од најсиромашните во светот. Што е најтрагично, нема никаква гаранција дека граѓаните ќе доживеат барем пристоен животен стандард.
Иако монетарната политика го загега ременот, панталоните се потешко се држат на нашите колкови.