Во Технолошко-индустриската развојна зона во Штип официјално почна со работа фабриката на „Магна Мехатроникс“, во која треба да се ангажира работна сила од 600 лица. Ова е втора инвестиција на канадската компанија, дел од „Магна Интернационал“, која произведува интегрирани системи од механички и електронски компоненти. Првата е во рамките на ТИРЗ Струга.

Инаку, „Магна“ се вбројува меѓу најреномираните светски компании, која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на производителите на автомобили во светот.
Магна -акцелератор на економскиот развој
„Денес е посебен ден за сите граѓани кои посакуваат економски раст, стабилност и можности за напредок. Со особена чест и гордост сме собрани тука за да го одбележиме официјалниот почеток на новата фабрика, инвестицијата на ‘Магна Мехатроникс’, што ќе биде силен акцелератор на економскиот развој и позитивните промени што ги создаваме во нашата држава“, нагласи премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на свеченото отворање.
Според него, оваа инвестиција не е само капитален проект, туку вистинска приказна за доверба, партнерство и заедничка визија.
„За изградба на фабриката која се простира на 18.000 метри квадратни ќе бидат инвестирани околу 40 милиони евра. А според презентацијата на стручните говорници во фабриката ќе бидат вработени повеќе од 600 лица до крајот на 2027 година. Благодарение на оваа фабрика, се отвораат нови работни места, се зголемува индустриското производство и се зајакнува економијата“, посочи премиерот. Освен тоа, како што рече тој, „нашата земја ја покажува својата подготвеност да биде дом на успешни и конкурентни компании, кои не само што произведуваат, туку и создаваат вредности што ќе се чувствуваат низ генерациите“.
Според премиерот „ова е само почеток на една успешна приказна. Уверен сум дека оваа фабрика ќе биде доказ дека тука кај нас може да биде конкурентен и привлечен секој еден инвеститор којшто ќе развива инвестиции и производство“.
Новата фабрика е показател за огромниот локален потенцијал
Градежните работи на оваа фабрика почнаа во мај 2023 година, кога освен новите 600 вработувања беше најавено дека и платите ќе бидат за 20 проценти повисоки од државниот просек.
Генералниот директор на Магна Мехатроникс Штип, Горан Деспиновски посочи дека ТИРЗ Штип е одбрана за локација за инвестирање по позитивните искуства од нивната фабрика во Струга, каде имаат 1000 вработени и инвестиција од 30 милиони евра, како и добрата инфаструктурата, добрите цени на комуналии, квалификуваната работна сила и поддршката од Владата.
- Оваа година ќе ја завршиме со 350 вработени, 2026. со 440, а потоа од 2027 година над 600, рече Деспиновски.
Претседателот на „Магна мехатроникс“, Мирорс и Лајтинг Џеф Хант најави дека фокусот ќе биде на производство на бројни мехатронички производи што овозможуваат иновативен пристап за клиентите и подобро искуство во возењето.
- Како лидери на пазарот на мехатрониката возбудени сме што можеме да продолжиме со развојот на овие проиозводи и тоа ќе го правиме на успешниот темел што веќе го поставивме тука во Северна Македонија, рече Хан.
Според Уве Гајсингер, претседател на Магна Европа, со инвестицијата го препознаваат огромниот потенцијал на овој регион.
- Со обезбедување локации ширум континетот се позиционираме подобро да ги опслужуваме нашите клиенти, да одговориме на барањата на пазарот и да стимулираме иновации во автопмобилската индустрија. Новата фабрика е показател за нашата верба во моќта на соработката, силата на локалните талентирани луѓе и во важноста на одржливиот развој, изјави Гајсигер.