Состојбата со насилството на младите е нестабилна. Ова се резултатите од спроведеното истражување за „Состојбата со насилство на младите во Македонија“. Тие покажуваат дека повеќе од 70 отсто од испитаниците го делат ставот дека најчест тип насилство кај младите е врсничкото насилство, а речиси 60 отсто од нив сметаат дека тоа е меѓуетничкото насилство. 

Овие резултати укажуваат на фактот дека состојбата со насилство кај младите, нивната радикализација која може да води до насилен екстремизам и тероризам, е нестабилна. Целта на ова истражување било да се испита перцепцијата на младите, на граѓанските организации, на младинските работници и експертите за состојбата со младите и различните форми на насилство .

Во рамки на „Платформата за граѓанско образование на млади за борба против радикализација (Младите против насилство)“ е креирана целосно функционална (Платформата ,,Младите против насилство”) кои работат на полето млади и разните видови насилство и донесен е Стратешки план за работа за периодот 2024 – 2025 година,

„Оваа Платформа на граѓански организации ,,Младите против насилство” е прва и единствена од ваков вид во Македонија. Платформата досега има 32 членки – граѓански организации (национално ниво). Потпишани се и меморандуми за соработка со многу јавни институции како што се: Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Агенцијата за млади и спорт, повеќе општини и средни училишта на територија на Македонија.  Исто така, наскоро почнуваме да се шириме во регионот и заеднички, преку размена на искуства да работиме на спречување на насилство кај младите и подобрување на нивната безбедност“, вели Кристина Сибиновска од „Младите против насилство“.

Во периодот од 3 години (од 2021 до 2023) спроведени се повеќе од 20 обуки и работилници, преку кои е зајакнат капацитетот на повеќе од 200 млади лица и 30 граѓански организации за градење отпорност против радикализација на младинското население во Северна Македонија.

„Бев вклучена како учесник во неколку проектни активности, преку кои се стекнав со нови знаења и вештини за препознавање и спречување врсничко насилство, но и со нови пријателства. Доаѓам од средно училиште познато по своите чести физички пресметки и конфликти меѓу учениците. Затоа, сметам дека е неопходно да има повеќе вакви активности за едукација на нас како млади, каде може повеќе да научиме за тоа што се претставува насилство, за видовите насилство, како да го препознаеме, да се заштитиме себе си и пријателите. Врсничкото насилство остава штетни последици за нас младите, кои може да имаат големо влијание во градење на нашиот карактер и идентитет. Меѓутоа, спроведувањето на вакви активности во или вон образовниот процес придонесува да се едуцираме, надградиме и постојано да се подобруваме како личности“, вели ученичката Стефанија Шопоска.

Платформата има изработено двегодишен Стратешки план, кој го адресира насилството меѓу младите, како што се врсничко насилство, онлајн насилството, насилството на спортски терени, на јавни места, насилство поттикнато од разни видови нетолеранција и други форми на насилство.

„Дали денес на тема млади ние сме на нултата точка? Дали прифаќаме дека имаме проблем? - Имам чувство дека не. Денес, често возрасните влегуваат во позиција да ги напаѓаат младите дека со нив не можеме да се разбереме и дека тие не слушаат и не применуваат. Возрасните се жалат од младите. Но, дали е тоа зрело и мудро? Мора да освестиме дека контекстот во кој денешните млади растат е поинаков: демократија, нефункционални институции, изложени со многу информации и влијанија преку социјални медиуми. Не е лесно да си млад човек денес. Моето искуство за работа со трите групи во рамки на проектот покажа дека младите не се проблемот. Пристапот кон нив е проблем. Ако кон нив се пристапи со верба, почит, методи и техники со кои ќе се креира дијалог, тогаш ќе се случи промена и вистинска едукација. Со правилен пристап, младите ќе станат активни, вклучени, отворени и со желба за примена на наученото. Пристапот е клучен. Денес авторитетен пристап не поминува. Младите ќе се повлечат, но ќе го задржат гневот во себе и тоа ќе избие на друга страна. Затоа со драго срце се вклучив во работилниците и уживав во процесот. Се што видов во работилниците е дека со правилен пристап и поврзување со младите ќе се создаде одлично поместување и младите не само што ќего применуваат, туку и ќе го шират знаењето кај своите врсници“, рече Лазар Ѓуров.  

И „Макпетрол“ во кампања против врсничкото насилство 

Од неодамна, нафтената компанија „Макпетрол“ започна кампања против булингот и врсничкото насилство, а воедно и отворија посебна интернет страница „www.kreniglas.mk“.   

„Одговорноста кон општеството што сите заедно го делиме се демонстрира и со постапки и активности кои што лоцираат одреден проблем што повеќето граѓани ги засега и можеби најбитно – нудат решение! Ако сите веруваме дека децата и младите се нашата иднина, тогаш бездруго, како тие растат и се развиваат веројатно ќе биде пресудно и како самите во иднина ќе се однесуваат. На овој план, врсничкото насилство е алармантен проблем за којшто ние во „Макпетрол“ сметаме дека премногу долго се игнорира. Повеќето од нас или молчат, или вртат поглед или не слушаат. За штетите од ваквото однесување дознаваме кога е премногу доцна. Со цел ова да го промениме, за сите заедно – и родителите, и професорите, и децата – да научиме да реагираме навреме, одлучивме да ја отпочнеме оваа кампања. Свесни сме дека ова е премногу голем проблем за којшто не постои брзо решение, но убедени сме оти со овој наш чекор, ќе започне соочувањето со врсничкото насилство“, велат од „Макпетрол“.