
Верица Пандиловска Гичева, една од најголемите македонски поп-ѕвезди во почетокот на овој милениум, жена со неверојатна енергија и посветеност за се што работи, последниве неколку години е во поинаква животна мисија. Едно сосема ново поглавје во нејзината успешна кариера...
- Тоа е полето на комуникациски вештини. За оние кои не се информирани, ќе кажам дека во период од 2017 па наваму мојата работна кариера навлезе во друга димензија односно се посветив на едукации и проучување на тема популарно наречена говор на тело или невербална комуникација – вели Верица, во интервјуто за „Анторис“.
Верица синоќа (23. јуни) , под покровителство на општината Аеродром ја промовираше својата книга „Невербална комуникација“, првата книга со оваа тематика, напишана од македонски автор и на македонски јазик.
Станува збор за публикација која е првата од проектот Самодоверба, Комуникација, Мотивација кој ЕУ Институтот Скопје започна да го спроведува во соработка со општината. Следат уште две други публикации, кои се дел од проектот и ќе бидат објавени во следните три месеци.
- Се работи за книга која ја напишав во периодот на пандемијата. Како еден вид увертита, би кажала дека пишувањето и објавувањето на оваа книга не е случајно. Говорот на телото или невербалната комуникација всушност е говорот на човечноста. Постои откако постои и самиот човек. Ова е наука која не е егзактна, но која е истражувана со векови – потенцира Пандилвска - Гичева.
Што всушност претставува говорот на телото, „невербална комуникација“?
- „Невербална комуникација“ претставува навигациски водич за секој еден од нас. За таа цел мислам дека е најдобро за вашите читатели ексклузивно за првпат во медиум да го дадам воведот од книгата...- До вчера ги гледав луѓето со други очи и во други бои, онака како што мене ми одговараше. Имав среќа, судбина или можност да се запознам со една нова уметност и наука по долги години.
На македонски јазик се нарекува невербална комуникација, популарно кажано, говор на тело, додека во меѓународен израз и терминологија се нарекува „body language“.
Во мојот живот не научив само секојдневно да отворам очи кога ќе се разбудам, туку научив да ги разбирам луѓето и нивните светови каде што припаѓаат. Научив да ја читам и да ја разбирам нивната омраза, нивните лаги, или како што би рекол човекот што ме воведе во светот на невербалното, мојот ментор, белите лаги, нивната лукавост, бистрина, иронија, сарказам и, секако, најблагородната вредност, а тоа е добрината.
Ви препорачувам на сите вас што ќе ја читате оваа публикација да соберете сила и храброст да стапите во акција и почнете да работите на себе. Работата со луѓе е навистина комплексна, претставува голем предизвик за секој од нас.
Затоа овие вештини на невербална комуникација ќе ви бидат навигатор за да ја разберете човечноста.
Како започна се...
- Во 2017- та година имав среќа и можност да бидам поканета од претседателот на Европски Институт за менаџмент, право и дипломатија, да бидам музички гостин на јавен настан која тие го организираа. Сосем случајно или можеби не, ја прифатив поканата. Воедно бев поканета заедно со мојот сопруг да бидам гостин и на официјалниот дел од настанот каде за првпат отидовме на ваков вид на предавање.Подоцна добив покана и можност да ја изучувам оваа наука и тоа од претседателот на институтот, човекот кој потоа ми стана ментор на полето на невербална комуникација и ме воведе во светот на оваа наука.
Во текот на овие четири години имав можност и привилегија да одам на сите тренинзи и едукации во и надвор од нашата држава, специјализирани за оваа тема. Подлабоко навлегувајќи во темата добив и можност со текот на времето и јас да извршувам ваков тип на едукации во суштина се основа за квалитетен живот на за секој еден од нас.
Во моментов мојата работа во ЕУ Институт Скопје се состои од едукации на младо и возрасно население каде основна цел е кариерниот развој на население преку неформално образование. Со тимот на здружението ги подготвуваме сите средношколци, студенти и младинци на возраст од 14 до 29 години за предизвикот при вработување и тоа преку едукации на различни теми кои им се потребни за предизвикот наречен живот.
Од што се состои книгата?
- Книгата во себе содржи краток вовед и петнаесет глави, меѓу кои: Универзални карактеристики на говорот на телото, Основен говор на тело во комуникација, Говорот на телото преку очите, Говорот на телото во врски и запознавање, Говорот на телото во бизнис светот, Говорот на телото преку облеката, Говорот на телото на насилници, Говорот на телото во дигиталниот свет...Од се ова всушност можете да забележите дека фокусот е ставен на говорот на телото, се со цел да секој од нас си ги подобри сопствените, лични перформанси и тоа во функција на подобрување на квалитетот на својот живот.
Зошто ова на сите ни е потребно? - Едноставно е, доколку се подобриме себе си, ќе си го подобриме сопствениот живот. Со тоа ќе бидеме подобри утре од денес. Подобри за себе, за семејството, за работното опкружување и на крајот за општеството.И не е важно колку години имаме, важно е да сакаме да направиме позитивна промена во нашите животи и да излеземе од секојдневната комфор зона која не спречува да ги зголемиме своите капацитети на делување и успех.
Какви се очекувањата по промоцијата на книгата?
- Пред се очекувам дека оваа книга побуди интерес кај граѓаните за една нова димензија и поглед кон животот.Ќе бидам задоволна доколку со овие пишани зборови дадам придонес кон луѓето кои сакаат да се подобрат себе си за да утре бидат поуспешни од денес.
Верица, ова не е Вашата единствена книга!
- Во изминативе години издадов уште два други прирачници, од кои едниот беше во текот на короната насловен како „Ментална хигиена за деца“ (опфатена е категорија на деца со лесна ментална ретарадација до 7 години и во вториот дел опфатена е категорија на деца кои практикуваа онлајн настава до 10 годишна возраст, за што неодамна имав и свој труд на Интернационална научна конференција).
Водич за комуникација насловен „Комуникациски вештини“. Овој прирачник наменски го креирав за средношколци во 4-та година средно образование кои ги едуциравме на тема неформално образование во склоп на проект кој ни беше овозможен од донаторот Град Скопје.
Проектните изданија ги реализираше здружението за образовно истражувачка дејност ЕУ Институт Скопје, каде сум основач и претседател.
Иван Беќковиќ




