
На полиците во книжарницата на Музејот на современа уметност – Скопје достапни се 11 различни печатени изданија од издавачката куќа за уметнички книги и студио за интердисциплинарни истражувања и практики во современата уметност и графичкиот дизајн PrivatePrint.
Во продажба се: „Folded“ од Зоран Шекеров; „15 Horror Stories by Women Workers“ на Кристина Божурска; „Кратка историја на курирањето“ од Ханс Улрих Обрист; „Space Composition“ од Марта Шиндил; „Споменик на слободата-разговорник“ од Елена Чемерска; „An incomplete manifesto for growth“ на Брус Мау; „Synthetic Impressions“ од Бисера Крцковска; „На Скопје, со љубов!“, автори: Анета Христова-Поповска и Мери Батакоја; „Growing“ од Дарко Алексовски; „Незавршена монографија: Јелена Ристеска“, автори се Илија Прокопиев и Марија Христова и „Атлас на човековото тело по Аристотел“ од Илија Прокопиев.

Работата на PrivatePrint е посветена на уредување, создавање и поддршка на уметнички книги, уметнички и кураторски истражувачки проекти, уметнички текстови и сродни публикации. Врз основа на премисата дека уметноста и издаваштвото се совршениот спој кога станува збор за демократизацијата на културата, мисијата на PrivatePrint е да ги прошири идеите на уметноста и да овозможи нивна поголема достапност, како и да овозможи простор и платформа за подобра видливост и интеракција на новите уметници и уметнички практики.
Досега имаат соработувано и објавено книги со уметниците: Дарко Алексовски, Доротеј Нешовски, Бисера Крцковска, Ефемерки (Јасна Димитровска и Драгана Заревска), Марта Шиндил, Елена Чемерска, Кристина Божурска, Зоран Шекеров, Илија Прокопиев и Марија Христова. Исто така издавачи се и на книгите: „На Скопје со Љубов- Архитектонската мисла на Живко Поповски“, приредена од Анета Христова-Поповска и Мери Батакоја, македонскиот превод на „Кратка историја на курирањето“ на Ханс Улрих Обрист, како и реизданието на познатиот “Аn Incomplete Manifesto for Growth“ на канадскиот дизајнер Брус Мау.