Во Скопје, во киното „Култура“, на 18-ти мај 1961-ва година била одржана премиерата на „Мирно лето“ – првиот игран филм, режиран од македонски филмски автор, од режисерот Димитрие Османли. Тоа е дел од нашата филмска историја.
Сакајќи да го одбележиме овој исклучителен момент во македонската културна историја, разговаравме со Томислав Османли.
Еве што ексклузивно изјави за Анторис:
- На денешен ден во 2001-та година, додека во земјава се водеше војна и ѕемнеа душите на луѓето од исходот на меѓуетничките воени судири, во организација на Градските кина Скопје во киното „Култура“ - каде на 18 мај 1961 година се случила филмска премиера - се одбележуваше 40-годишнината од премиерата на „Мирно лето“.На свечената проекција присуствуваше најголемиот дел до екипата, на чело со режисерот. Расположението, со оглед на воените операции што се случуваа на повеќе места во земјава, беше прилично депресивно... Сѐ до почетокот на проекцијата.
Тогаш салата почна да ја исполнуваат најанапред тополи кикоти, едно сосем променето расположение и растечка смеа која ја проследи проекцијата до крајот на 99 минутата комедија.
Ги паметам пријантите реакции и духовити коментари на актерите - учесници во филмот, напливите на носталгија по едни поинакви: ведри, ентузијасички и сугурни времиња.Тогаш се уверив во моќта на комедијата од една страна; и во моќта на „Мирно лето“, токму поради тие својства што тој парадигматичен филм ги носи: постојано да се обновува, не престанувајќи - еве веќе 60 години - да биде една урбана, лирска и многу наша филмска насмевка и осончана расположба.
Затоа гледачите и старите и оние од новите генерации немаат насита од овој филм. Тој го содржи нашиот копнеж по спокојот, по нашите некогашно, но и идни - Мирни лета!
[embed]https://www.youtube.com/watch?v=fT7BjYQKo5A[/embed]
Уверен сум дека тие својтва ќе му обезбеди актуелност на филмот кој дише со духот, ликовите, авторските придонеси, потписи на шпицата, со амбиентите и звуците на шеесетите години на минатиот век - да ја задржи свежината и актуелноста и во децениите што му претстојат.
На тој начин, мислам дека „Мирно лето“ е нашиот богат, не само филмски, туку културен и општетсвен бренд.
***
Во чест на овој голем филм, Кинотека на Македонија ја отвори новата сезона на летното кино под отворено небо, кое го носи името „Мирно лето“, а се наоѓа во дворот на Кинотеката.
