Кој и да вети дека пензиите ќе ги зголеми линеарно и тоа за 5000 ден, во очите на стручната јавност излегува лажго или  тотален аматер, незнајко, што нема абер од фискална и економска политка. Таквото ветувањето е наменето за масата, за лесноверните, кои ќе поверуваат, иако знаат дека ова ветување е лажно. Тоа е желбата да чујат од лидерот нешто големо, нешто што не е за верување, а сепак сакаат да веруваат во него, како во молитва кон некоја виша сила, за која знаат дека не постои, ама ја молат да им помогне.

Дали е реално  некој во овие економски услови и во овој концепт на економскиот систем да вети линеарно зголемувае на пензиите и тоа со одредена бројка од 5000 денари секој месец?

Тврдиме дека ова е ново непромислено изречено предозборно замајување на кое веројатно се потсмеваат добрите ученици во средните училишта, а камо ли експертите по економија. При проектиран буџетски дефицит од 3,4% за 2024 година, некој да се фали дека ќе ги обезбеди лесно, нејасно и неуверливо ветените средства, е или економска неписменост, тотален аматеризам, или е манипулација, или значи тајни преговори и ветувања со  некоја страна од која досега не се влезени пари во Македонија, ни преку кредити, ни преку ММФ или Светската банка.  

Според ветувањето - на 336 000 пензионери по 5 000 денари е рамно на милијарда и 680 милиони денари или 28 милиони евра месечно, а годишно 336 мииони евра!!!???  Тоа што најмногу влева недоумица и сомнеж е што ова ветување е покриено со мистичност, па затоа се поставува прашањето од каде? Буџетот е толку!. Дали опозицијата има некоја тајна формула со која ќе ги создаде овие средства од ограничениот, односно дефицитарниот буџет.

Министерот за финансии Фатмир бесими, при предлагањето на буџетот за идната година, рече дека за пензиите е воспоставено системско решение кое гарантира раст на пензиите:

 „И пензионерите во 2024 година ќе го добијат она што им следува согласно законското решение, односно усогласување во согласност со растот на просечната плата и растот на трошоците за живот, односно инфлацијата“, што изгледа дека решавањето на примањата на пензионерите е многу полигичо и со концепт.

Бесеми е јасен дека Државата ќе се задолжи и над 1 милијарда евра:

„Со парите ќе се враќаат стари долгови, а ќе се покрива и буџетскиот дефицит“, вели тој.

Кога станува збор за платите во јавниот сектор министерот појасни дека повеќе средства ќе има за зголемените примања во образование, здравство, за пензионерите, а ќе продолжат и субвенциите за струја. Бесими тврди дека во 2024 година не предвидел средства за повисоките функционерски плати. За претседателските и парламентарни избори кои ќе се одржат наредната година се предвидени една милијарда денари.

Дали ќе се оствари ова, веројатно Бесими нема да дочека да го види по изборите идната година, но барем има некаква логика.

Владата признава дека во моментов се интервенира преку буџетот под ставката „социјална помош, но не за сите пензионери, туку за социјално загрозените, па така оваа мерка се вклопува во другите мерки за заштиита на сиромашните категории.

Од март 2022 година, до денес, има покачување на пензиите од 26 проценти, во меѓувреме имаше пакет мерки во кои сите пензионери добија 3 илјади денари, распоредени на 3 месеци по 1000 денари, во септември беа зголемени пензиите. И овие се од државниот буџет, не се од уплатите на сега вработените во пензисиот фонд, тој извор е многу оскуден и не го полни панзискиот фонд до горе, до вревот, па да се црпе од него колку што треба за задоволување на пензиските потрби, а транзицијата бара многу инвестиции во нови работни места, но и работна сила која во огромен процент е иселена. Придонесите од 1,5 вработен издржуваат 1 пензионер што е катастрофален податок за пензискиот фонд. Ако сака тој да биде доволен за издржување на пензиите и пензионерите тој однос треба да биде 7:1.

Во актуелниов сооднос, ако почне реализацијата на ветеното дека на пензионерите линерано ќе им се исплати по 5000 ден, тоа зачи празнење на пензискиот буџет до дното, потоа компензација од државниот буџет во празната дупка, што е сосем нелогично и неможно.

Во контекст на ветувањето за линеарно зголемуваање на пензиите за 5000 ден., се поставува прашањето - Дали, ако се смени власта, идната година, веднаш ќе уследи ребаланс на буџетот, со цел да се задоволат предизборните ветувања, од која ставка ќе се пренаменат ветените пари за линерарна исплата и како ќе се надоместат во таа испразнета ставка.  

Логиката наведува дека ова ветување е дадено, како Македонија да нема и немала буџетски концепт, туку е битно да се каже нешто за што нема никаква основа. Се разбира дека буџетот е основа за економската политика на една влада, тој е инструмент во нејзините раце, како ќе го дели или множи тоа треба да го докаже со своите вештини и способности министерот што ќе биде поставен да раководи со него, а не веруваме дека има влада што му оставила на својот министер за финасии сам да раководи со клучот на државната каса. Имавме драстични примери на жалби на еден министер за финасии кој од наредбите на својот шеф полудуваше и велеше дека „му иде да му го удри од глава мобилниот телефон, зашто наредбите за „40 милони за ова, 70 милиони за она“ веќе не може да ги издржи...

Сите што се надеваат дека ова предизборно ветување може да се спроведе во реалноста треба да знаат дека, ако некој државен лидер му мисли добро на својот народ треба да направи шема за зголемување на основата за зафаќање продинеси за пензискиот фонд, а тоа е работни места (домашни или странски инвестиции), вработување, високи плати, поголеми панзиски придонеси, намалување на дефицитот во пензискиот фонд, намалување на Фондот од заисноста од државниот буџет (нашите финасиски ментори изрично сугерираат зависноса на пензискиот фонд од држаниот буџет да се сведе на нула) и можеби најважно -  решителна и „крвава“ борба против корупцијата. Тоа требаше да го каже тој што вети дека пензионерите ќе добијат линерано по 5 000 ден, за да му поверуваме во неговата икрена намера и знаење дека може нешто повеќе да направи, не само за пензионерите туку и за сите граѓани.