Можеби прв пат во меѓународната трговија се појавува услов од страна на пoбарувачката (купувачите) на стоки кон понудата (продавачите). Тоа се случи на 4 ти декември на денот на кој ЕУ и земјите од Г7 ја ограничија побарувачката за руската нафта, со услов: од 5 декември на Русија да и биде понудена цена за откуп од 60 долари за барел (1 барел = 160 литри сурова нафта). Тоа значи дека Европа, сепак не може без руската нафта, но дека и Русија, која е голем извозник и од чија продажба остварува егзистенцијални приходи, не може целосно да ја прекине испораката кон европските потрошувачи, затоа што тоа количество е огромно и испораката кон европските земји би значело фатален удар врз руската економија. Се разбира дека Кина, користејќи ја ситуацијата, еквилибрира меѓу моралната поддршка на руската инвазија врз Украина и можноста да набавува руска нафта како поддршка на руската економија, кон која Кина нема сканциии.  

Нафтеното ембарго кон Русија беше усвоено при крајот на  летото, а за ограничувањето на цената на нафтата договор падна пред неколку дена заедно со членките на Г7. Тоа значи дека руска нафта веќе не смее да се носи со бродски транспорт во пристаништата на ЕУ.

Точно е дека Русија е зависна од нафтениот бизнис, и тоа најмногу во моментов за финансирање на војната во  Украина, во која Русија влезе со надеж дека бргу ќе ја „реши“ во своја корист и дека нема да наиде на сложното ембарго на меѓународните силни економски и политички фактори. Според информации на „Меѓународната енергетска агенција“, во октомври ЕУ увезувала 1,5 милиони барели сурова нафта дневно од Русија.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, по воведувањето на мреката, изјави дека е убедена дека мерките ќе ја постигнат целта, а ценовното ограничување според неа и севкупно ќе ја стабилизира цената на нафтата. „Конечно, утврдена е максимална цена од што ќе профитираат и послабите земји, бидејќи ќе можат да набавуваат поефтина нафта“, вели Лајен.

Првична реакција на Русија

Јеримин Цетелмајер, шеф на економскиот тинк-тенк “Бројгел” од Брисел, вели дека ако Русија возврати и испорача помали количини, ќе има покачување на цените - во спротивно ќе останат исти, или ќе се намалат."

Кремљ вели дека нема да ја прифати „понудата“ од страна на купувачите од 60 долари за барел како горна ценовна граница.

Каде е ОПЕК?

Цените на нафтата веднаш (05.12.2022) пораснаа  за 2,0 проценти по одлуката на ОПЕК+ за намалување на  производството пред ограничувањето на цената и забраната за увоза на руската нафта по морски пат во  Европската  унија.

Истовремено, се појавија позитивни сигнали за зголемена побарувачка за гориво, поради тоа што повеќе кинески градови, за време на викендот ги ублажија ковид- ограничувањата, па побарувачката за нафта расте.

Официјален ОПЕК (чиј придружен член е и Русија) соопштува дека на светскиот пазар ќе има руска нафта, веројатно сакајќи да даде на знаење дека оваа организација на произовдители и извознички на нафта ќе се солидаризира со Русија и нема да дозволи отсуство на руската нафта на светскиот пазар.

ОПЕК и нејзините сојузници, вклучувајќи ја и Русија, на 4 декември се договорија да се придржуваат до својот октомвриски план за намалување на производството за 2 милиони барели  дневно, барем до нова година.

Земјите ја Г7 и Брисел со големо внимание го следат  развојот на настаните за да можат, ако се појави потреба, да се направат корекции.

Соседите

Соседните земји информираат дека за оваа ситуација се имаат подготвувано навреме. На пример, српската премиерка, Ана Брнабиќ, вели дека српските складишта се полни.

Три четвртини од потребите за нафта Србија ги покрива од увоз. По настанатата ситуација, односно со неможноста Србија да се снабдува со руската нафта преку нафтоводот, „Јанаф“, по 5. декември ќе биде продолжено непречено купување нафта со потекло од други земји. Србите ја имаат рафинеријата во Панчево којa е една од најмодерните во Европа и во неа e можна преработка на разни типови нафта.

Спротивни ефекти

Одмана е познато дека „стапот“ (санкциите) има два краја. Тоа значи дека големи штети трпат и земјите што го имаат воведено ембаргото. Проекциите за растот на БДП никако не се софпаѓаат со првичните проекции.  Нафтата повелкува и раст на цената на гасот и на струјата. Нема европска земја што не е соочена со енергетска криза. Пример за тоа е Франција, која оваа зима прв пат по 42 години ќе увезува  струја.

Европската инфалција

Инфлацијата во еврозоната е на рекордно високо ниво и сè уште не го достигнала врвот, изјави претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард, сигнализирајќи натамошни зголемувања на каматните стапки. Инфлацијата во 19 членки на ЕУ е зголемена за 10,6 во октомври, поради зголемените трошоци за храна и енергија, по руската инвазија врз  Украина.

ЕЦБ се погрижи за скротување на инфлацијата со серија зголемувања, кревајќи ги нејзините клучни каматни стапки за два процентни поени од јули.

Лагард рече дека ЕЦБ се движи „со најбрзо темпо досега“ и дека ќе бидат потребни повеќе зголемувања за да се врати инфлацијата до целта на ЕЦБ од 2 отсто.

„Имаме уште пат да поминеме за да ја симнеме инфлацијата, така што, ќе продолжиме да ги зголемуваме каматните стапки“, рече Лагард.

Руската економија во рецесија

Како и да е, руската економија, која освен своите богати енергенси, дијаманти и оружје, не му нуди на светскиот  пазар речисни никаков друг производ со додадена вредност, освен „ладата“ (која е возило повеќе за наменска употреба и со неконкурентни перформанси и дизајн). Така што, на пазарите не може да се најде ништо како бренд од Русија, кој ќе се најде на тезгите во сите делови на светот, како што е тоа со швајцарската чоколада, на пример. Овде можеме да ги спомнеме само руските кукли кои се ставаат една во друга – „бабушки“, со кои веќе не си играат ни  децата.

Така, потпирајќи се само на своите природни ресурси  руската економија по 8 месеци од почетокот на инвазијата брз Украина падна во рецесија. Бруто домашниот производ на земјата падна за 4% во третиот квартал од годинава во споредба со истиот период од минатата година, покажуваат податоците на руската статистичка агенција Росстат.

Ова е втора последователна контракција на економијата откако во вториот квартал забележа пад од 4,1% годишно.

Сепак, аналитичарите велат дека падот не бил толкав  колку што се предвидувало (7%).

Елвира Набиулина, гувернер на Руската централна банка, истакнува и дека „е неопходно итно преструктуирање на економијата“.

Но, тоа преструктуирање никако не може да се спроведе  така лесно и толку брзо за да ја попарви штетата од војната и БДП да почне да расте.

Колапсот на руската економија е резултат на повеќемесечниот притисок и зголемените санкции против Москва поради војната во Украина. Меѓународните компании масовно ја напуштија Русија, а голем дел од нејзините девизни и златни резерви се замрзнати.

Руската инвазија на Украина го потврди фактот дека со војна не се решаваат проблемите, колкави и да се. Таа порака е втемелена уште во основањето на Европската унија, која полека и систематски се издигна на урнатините од Втората светска војна, со голема идеја за обединување на континетот и на целото човештво и негов темелен и слоевит економски развој. Но, секогаш ќе се најде некој за да ја „дупне топката“ и да го растури натпреварот.