Странските фирми кои работат на територијата на Македонија, а немаат  седиште или подружница во нашата држава, од 1. Јануар оваа 2024 година, имаат обврска да назначат даночен застапник за ДДВ, информираат од Управата за јавни приходи. Ова произлегува од последните измени и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност, а се однесува на тие што вршат промет на добра и услуги кои поделжат на овој данок.

Со овој правилник се пропишува начинот на пријавување и регистрација на странско лице, начинот на водење на регистарот на даночни застапници, формата и содржината на регистарот на даночни застапници, формата и содржината на пријавата за регистрација за целите на данокот на додадена вредност како и потребната документација.

Новата законска обврска странското лице треба да ја исполни пред отпочнувањето на вршењето промет во земјата којшто подлежи на данок, а при регистрацијација не се зема предвид вкупниот промет од два милиони денари пропишан во членот 51 ставот (1) од Законот за данокот на додадена вредност“, посочуваат од Управата.

Како што е објавено во правилникот, даночен застапник може да биде фирма или поединец што ги исполнува предвидените услови: да е регистриран за цели на ДДВ најмалку 12 месеци пред поднесувањето на пријавата за назначување на даночен застапник; на денот на поднесување на пријавата да нема ненамирени даночни обврски. Доколку е правно лице – да не е започната стечајна или постапка за ликвидација, а ако се работи за физичко лице – да не е правосилно осудено за кривично дело.

Странската компанија, пак, треба да се пријави за регистрација и за доделување на ЕДБ во надлежната регионална дирекција на УЈП, зависно од адресата на назначениот даночен застапник. За таа цел треба да поднесе Пријава за регистрација “образец УЈП-РДО“, заедно со неопходните документи: договор за назначување даночен застапник; потврда за резидентност од земјата во која има седиште или подружница; полномошно издаденено од странското лице, преведено на македонски јазик; копија од лична карта или тековна состојба од ЦРСМ за лицето назначено како даночен застапник; доказ дека за назначениот даночен застапник не е започната стечајна или ликвидациона постапка ако е правно лице или доказ дека не е правосилно осуден за кривично дело ако е физичко лице.

Обврската на даночниот застапник ќе биде да го пресметува данокот на додадна вредност врз основа на добиените пресметки од странското лице, да поднесува пријава за ДДВ во име на странското лице по истекот на секое тримесечје, да го плаќа данокот и пресметаната камата во случај кога странското лице не ја извршило уплатата во законски пропишаниот рок и да води евиденции за извршениот оданочен промет од страна на странското лице.