Една убава театарска вест. Комуникациската современа музичка драма „Само глас“ од младата авторка Нина Плавањац, во режија на Марјан Неќак, премиерно ќе се изведе на 26 мај во Македонскиот народен театар (МНТ).

Тоа ќе биде прва премиера во МНТ од почетокот на пандемијата на корона-вирусот.

Во улогите на Таа и Тој се првенците од ансамблот на МНТ – Звездана Ангеловска и Никола Ристановски – со снимен глас, а игра и балетанот Мирослав Митрашиновиќ.

Ова приказна за силна и талентирана жена, која го доживува најпонижувачкиот момент во својот живот, борејќи се за сопствениот идентитет.

Текстот го преведе Ангеловска, преводот на песните од англиски јазик го направи Елена Китановска, видеодизајнер е Марин Лукановиќ, а костимографка е Наташа Павлиќиќ.

Неќак е автор на музиката, сценограф и дизајнер на светлото.

„Само глас“ е приказна за силна и талентирана жена, која преку ниска постапка го доживува најпонижувачкиот момент во својот живот, борејќи се за сопствениот идентитет. Позната е само Таа, бидејќи во нејзината личност се измешани повеќе архетипови: на ќерка, на дете, на жена, на љубовница, на ѕвезда, на протагонистка и на антагонистка.

Таа е позната актерка која ја губи сопствената доверба и е напуштена од многу помладиот партнер балетан на кого му помогна да ја создаде кариерата.

Останува осамена и затворена во својот стан, кој не го доживува како сопствен дом, а единствено друштво ѝ прави само чудниот пајак миленик Тарантула, кој ѝ остана од бившиот партнер. За неа нема надеж дека ќе може повторно да доживее наивна љубовна младост, сега како тоа да е само минато.


Во очајна потрага по љубов и афирмација преку интернет го запознава Него, кој наизглед ги опфаќа сите архетипови на совршен маж – спасител, обожавател, љубовник и татко. На почетокот пристоен и слаткоречив тој многу брзо ја стекнува нејзината доверба и таа развива фикција над него, убедена дека во него ќе најде мир, што нејзе најмногу ѝ недостига.

Меѓутоа, кога ќе го притисне и кога ќе сфати дека тој не ја говори вистината, Тој во бес ѝ открива дека, всушност, бил реквизитер во театарот каде што таа работела и дека бил многу години опседнат со неа.


Додека ја привлекува и ја шармира тој ја дознава нејзината најголема и најчувана тајна – дека таа го остава својот бивш кога доживеал несреќа, и за нејзиниот бивш партнер тоа значело запечатување на неговата кариера. Тој започнува да ја уценува и да ја третира како роба, бидејќи само така може да го добие нејзиното целосно внимание.

Сепак, го спречува неговото его да увиди дека Таа глумејќи и манипулирајќи повешто од него го вовлекува во замка.

На крајот таа успева да се избори за својата слобода и се обидува да научи да го живее животот сама...

Ако не стасате на премиерата, следните изведби се закажани на 27 и 29 мај.