Што претставува „банкина“ – а што е метална заштитна ограда на патот?
Сообраќајната стручна терминологија не трпи импровизација или некаква „замена“, вели Кузман Дамчевски човек што во својот работен век има огромно искуство и стручност од сообраќајната проблематика. Тој вели дека таа непрецизност во изразувањето на медиумите и на таканаречените „експерти“ е многу непрецизна и внесува недоумица и кај обичните консументи на информациите, но и кај вистинските стручњаци кои добро и прецизно располагаат со точната терминологија.

Имено, најчест „термин“ во извештаите и во анализите за тешката сообраќајна несреќа што се случи во Бугарија во која загинаа 45 македонски државјани е „банкина“.
Зборот „банкина“ го има во речникот на македонскиот литературен јазик, но не го означува тоа на што наведуваат аналитичарите и известувачите. Во речникот стои:
Банкина:
- Раб што го ограничува патот и служи како заштита на коловозот од одронување.
- Пешачка патека, дел од пат крај коловозот за движење на пешаци.“

За поточно толкување на овој збор, кој, како секој збор што нема да се употреби на вистинското место, може да внесе недоразбирање, стручно мислење побаравме од Дамчевски. Тој вели:
- Еве неколку карактеристични случаи за неточно, неправилно, односно несоодветно информирање на нашите граѓани:
- „АУДИ удри во банкина: Тешка сообраќајка пред Скопје, едно лице загина. Автомобилот марка АУДИ со кумановски регистарски таблички се движел во правец Куманово – Скопје и во близината на бензинската станица – УДРИЛ ВО ЗАШТИТНА БАНКИНА?!?!?
- Патниците во автобус кои патувале на одмор во соседна Грција, на релација Скопје – Солун имале можност пред тунелите кај Демир Капија да видат ваква слика и прилика. Возило со скопски регистарски таблички „качено“ на патна банкина. Ако не била таа, сосема е сигурно дека ќе завршеле во Вардар?!?!
- Каков беше речникот во информирањето во последната голема несреќа што се случи во Бугарија?
- Потполна иста е состојбата во поглед на информирањето и во последната сообраќајната несреќа што се случи во Бугарија во која трагично го загубија животот поголем број наши граѓани. Од страна на информативните гласила се тврди дека „автобусот прво удрил во „десната банкина“ а потоа во „двете банкини“ на левата страна меѓу двете коловозни ленти од автопатот Струма“.
Да не ги редам повеќе, а такви ги има многу, но и вие самите сте сведоци на вакви нестручни информирања во електронските и пишани медиуми. Ако некој од наведениот медиум држи до својата професионалност, брзо и навремено, прецизно и објективно информирање на граѓаните, потребно е навремено да се информира за одредена сообраќајно стручна терминологија или фразеологија, па потоа да се користат со неа. Сепак кај нас, одговорно тврдам дека имаме многу институции и стручни поединци кои во голем обем го владеат сообраќајот како унифициран светски систем.
- Што препорачувате вие?
- За таа цел, сакам да ги информирам сите погоре споменати да не прават вакви и слични грешки при информирањето: „БАНКИНА“ е хоризонтален дел од патот меѓу коловозот и косината, на која ако има потреба се поставуваат сообраќајни знаци и одбојна ограда која може да биде метална или бетонска.
Kога се правилно изградени на патиштата во голем обем го шират видното поле на возачот кога се движи по коловозот, особено кога на патот има повеќе свиоци.
На крајот, се надевам дека наведената категорија, кон која ја упатувам забелешката, ќе биде сватена како стручна помош за правилно и објективно информирање на нашите граѓани преку средствата за јавно информирање.
Што претставува „банкина“ – а што е метална заштитна ограда на патот?
Бране Стефановски