
„Паднав во несвес“ кога видов реклама за еден стан во неизгерадена зграда (значи плаќање само на слика на која се гледа како ќе изгледа наводниот стан) по цена од 2800 евра за квадрат. Рекламата беше за стан од 44 м2, значи за таа површина, ако некој сака да купи, треба да плати 123,200 (сто дваесет и три илјади и двесте евра). Во рекламата стои дека зградата „ќе БИДЕ изградена во скопско Дебар Маало, во близина на руската амбасада“ и ќе биде готова до средината на 2025 година.
Веднаш, откако напишав негативен коментар на ФБ, рекламата беше тргната, не знам зошто!?
По цената и по местото на фиктивниот стан се гледа дека рекламата е наменета за луѓе кои немаат критериум за квалитет на живеење и осет за реалната цена на станбениот квадрат во Скопје, или за тие што не знаат што да им прават на парите, па им е сеедно дали квадратот ќе биде 2800, 3800, 5800... Ним им е важно да се пофалат дека имаат стан во Дебар Маало, или да ги инвестираат парите во недвижнини, зашто каматитие во банките на сите депозити се ниски. Но, тие, со таков резон и таква финансиска моќ се малку, бидејќи „Џини“ коефициентот кажува дека во Македонија богатството е нерамномерно распоредено, тоа е во рацете на 1 процент од населението, а 90 проценти се или средна класа, која е најмалубројна, или се гола соримаштија која е масовна.
Трагедијата е во тоа што тој гол народ ита по секоја цена да купи стан во Скопје, па макар и дел од оние искривени нови згради кои не знаат каде одат, во кој правец се изградени, кој во кој прозор гледа, каде е влазот каде гаражата, каде е лицето, каде е опачината на зградата.
Таа итаница оди контра ветрот, односно контра пазарната логика. Пазарната логика налага да не се купува кога е скапо, да се купува кога е евтино. По таа логика, тие што ќе купат по оваа цена, ќе бидат во загуба која, наскоро, во догледно време, ќе излезе на виделина. Едноставно, секоја пирамида, кога ќе се засити, се урива како кула од карти, а оваа нереално гадежна експанзија личи на пирамида.
Непродадени станови
Но, во македонската логика - нема ништо логично. Статистиката кажува дека една третина од становите се празни! Спротивно на логиката расте бројот на одобренијата за градба и цените. Општините ова го гледаат како најлесен начин за прибирање средства во буџетот. Квадратен метар инвеститорот го чини до 1 300 евра, а го нуди по 2 200, 2500, до 2800.
Податоците на Народната банка покажуваат дека по застојот поради пандемијата, значително пораснал бројот на издадени одобренија за градење, која, не само што се врати на нивото пред пандемијата, туку и го надмина.
Мала хронолигија
Во извештајот за финансиска стабилност во 2021 година, се нотира и забележителен раст на бројот на непродадени станови и на становите во градба. Така, просечниот број понудени нови станови во првите два квартали од 2021 година изнесува 22 198, од кои само 3% се продадени. Овој тренд продолжува и во првата половина на 2022 година.
Пописот покажа дека една третина од вкупно 839 174 станови се празни, односно населени се 63,4% или 531 987, додека останатите 36,6 отсто или 307 187 станови се ненаселени. Од скопските општини најмногу празни станови има Центар – 10 865 или над 40 проценти од вкупниот број, а најмалку празни станови има Чаир – 22,5 проценти од вкупно 17 771 стан.
Цените на становите растат уште во 2020 година, а тоа продолжува и во текот на 2021 година и оваа, 2022 година. Така, цената во четвртиот квартал на 2021 година е зголемена по номинална стапка од 11,2% на годишна основа и е највисока стапка на раст по периодот на глобалната финансиска криза. Просечната постигната цена на истргуваните станови во првите три квартали на 2021 година изнесува 44.409 ден./м2.
Реалноста
На хартија стои дека становите се празни, а реално не може да се задоволи побарувачката. Особено по двегодишниот застој поради пандемијата.
Понудата е зголемена, но практиката покажува дека е зголемена и побарувачката.
Општините ова го гледаат како најлесен начин за прибирање на средства во буџетот, не размислувајќи што ќе биде откога ќе се изгради целото земјиште. Не се размислува ниту за преоптоварената инфраструктура, проблемите што ги носи пренаселеноста, недостаток на паркинг, премногу отпад со кој не можеме да се справиме и сл.
Познавачите на оваа материја, за „Анторис“ велат дека, „за одредено време ќе има презаситување и тогаш ќе имаме проблем со бетонски празни или само 20-30% населени згради, кои ќе бидат се’ потешки и поскапи за одржување. Не се исклучува тоа дека во сето ова „дозволи-одобренија“ има корупција, но има и неказнивост“.
„Парите се перат на повеќе начини, но најлесно е преку градба на објекти обезбедени од валкани пари“, рече поранешниот државниот јавен обвинител Марко Зврлески уште во 2014 година, во говор на регионална конференција за размена на искуства и јакнење на соработката во областа на финансиските истраги и перењето пари во Скопје.
Секогаш било така, во центарот на градовите имало навалица од граѓани и селани од провинцијата, што во услови на нерамномерен регионален развој се селат во главниот град, во кој единствено живеат некои бизниси и деловни односи, а во него е и сета администрација. Под тој притисок старите граѓани беагаат на периферијата и така трае еден кружен процес на преселување и на селидби.
Така цената на станбениот квадрат во една неразвиена земја расте. Тоа е карактеристично за неразиените земји во кои живее само еден град, во која другие градови се пустелија и депресија.
Така со векови културата на еден град, кој не води сметка за својата естетика и животана околина, стагнира и не може да го достигне нивото на градовите што водат сметка за својот изглед и разовј, за својата убавина и за своето место на градови на светската листа на дестинации кои не смеете да не ги посетитие за време на својот живот.