
Порано, во времето на социјализмот, кога одвме во земјите од истрочниот блок, граѓаните купуваа по 1-2 патлиџана. Ние се чудевме. Чудно беше, дури непристојно, кога некој странец ќе побараше да купи 1 кг!. Тогаш сите што стоеја во редот ќе ги насочеа погледите со ширум отворени очи, ќе пoчнеа да негодуваат, дури отворено префрлаа дека сме „арогантни“, но ние немавме никаква намера за ароганција ниту за чалам, едноставно доаѓавме од земја на патлиџаните и на пиперките и бевме навикнати на такви количини. Но, ако има „вика“, има и одвика. Пред 10-тина години, за тие што не се сеќаваат и за младите што не знаат, ќе кажеме дека патлиџаните ова време се продаваа по цена од 10 ден/кило, а во август по 5 ден. Нека се најде некој да деамантира. Лубеницата беше 10 денари, и таа цена со години не се менуваше. Деновиве, кило лубеница – 40 денари!
Пред муслиманскиот празник Курбан Бајрам, доматите достигнаа цена од 90 – 150 ден, пиперките 100 денари, кромидот 70 ден... , а проблемот е во тоа што цените речиси и да не се намалуваат, или се намалуваат за многу мал процент. Граѓаните, претпразничното поскапување го толкуваа дека продавачите што го слават овој празник ги кренале цените поради тоа што наредните празнични денови не работеа, па, демек, со повисоките цени сакале да обезвбедат заработка и за деновите во кои нема да работат. Но, тоа не е точно, зашто секое поскапување е меч со две остривци, односно ризик - стоката да не се продаде, да остане на тезгите, па, наместо ќар – зијан.
Проблемот е во друго! Едноставно – зеленчукот го има се помалку. И тој што го има по нашите градини, оди за извоз, а поголем проблем е влијанието на климатските услови, а најголем проблем е домашната земјоделска и популациона политика.
За првите два проблема нема што да дискутираме, климатските промени ги трпи целата планета, која работи на враќање на старите услови за живот, со тоа што нон-стоп измислува средства за производство на енергија од нефосилни горива, па автомобили што одат на водород, па фотоволтаици, па панели, но сигурно дека е големо прашање дали тие услови ќе се вратат некогаш, дали мразот на Гренланд ќе се врати во истиот габарит, дали ќе се вратат „нормалните“ зими и лета, однсоно по колкав временски пероид сето тоа универзумот ќе го среди, ако човекот се опамети.
Нас не јаде домашната земјоделска политика. Но, таа не е од сегашнава власт, ниту од претходната. Таа е згрешена од времето на „индустријализацијата“ на нашата социјалистичка татковина, кога сите земјоделски работници се преквалификуваа во КВ и ВБВ мастори по шрафарите, по леарниците, по железарницита, по железниците...па ги оставија нивите на своите предци де се испостат, да зараснат, да не раѓаат, да нема веќе свинче ни коковче, ни кравче ни козичка и после се чудиме зошто е скапа храната.
Сега, кога генерациите се сменија, кога се профилираа како интерент-канцелариски персонал, со нежни и депилирани раце, никој веќе нема желба ниту пак идеја се врати на нивите, дури им е срам да кажат од кое село потекнуваат, правејќи се староседелци најмногу во главниот град и чекајќи некоја партиска синекура во јавната администрација.
Ако ги земеме податоците на Државната статистика за додматите, ќе видиме дека од 2017 година до лани количината на производство се намалила за речиси 2 тона по хектар.
Домати:
2012-25 974 кг/ха,
2017 - 28 537 кг/ха,
2022 - 26 935 кг/ха
Сите се жалат на некави сорти без вкус и мирис и со носталгија се сеќаваат на домашните надалеку познати сорти, јабучар, воловско срце и на нивниот опоен мирис и вкус. Каде се зошто ги нема? Се чини дека никој не е засегнат од овие податоци. Најчесто економските вести се маргинално застапени на медиумите, секогаш во втор план и најчесто во фукција на некоја политичка порака. Ако има некоја вест од економијата на високите позиции во вестите таа се однесува на тоа кој во кој голем деловен центар има поголем удел, од што се сфаќа дека наместо економска политика се води натпревар на грабање на удели, а зелените пазари се места на кои обичниот граѓанин со страв оди и со празен новчаник се враќа.
Многу пати се пласира податокот дека во минатото на нивите на скопското село Драчево се раѓале годишно околу 25 илјади тони кромид. Се разбира дека голем дел одел за извоз, но во изобилие го имаше и на домашниот пазар.
Во минатото во Драчево се одгледувале и многу индустриски култури: тутун, коноп, лен, кои по Скопскиот земјотрес во 1963 биле напуштени и исчезнале.
Посотјат огромни региони напуштени, оставени неискористени. Земјоделското земјиште се повеќе се „краде“ и се пренаменува во градежно. Замислете на нивите што не хранеле, се градат бетонски грдосии, се разбира на најатрактивните места. Факт е дека тоа земјоделско земјиште не е неограничено. Затоа производството на домашна храна е незаменлив одбранбен бедем, не само од цените, туку и од секаков вид непредвидени кризи, војни, земјотреси итн.
Но, како што изгледа, многу скоро и ние ќе се најдеме во ситуација да купувмае по еден патлиџан, колку да се зацрвене трпезата. Но, тоа нема да му се случи само на патлиџанот. На тезгите се помалку има изобилство од зеленчук. Дали ќе се случи иреверзибилниот процес – враќање на нивите, тоа решение можат да го донесат само паметните!