„Специфична“ инфлацијата (?)-„Оваа пандемија се случува во поинакви времиња во споредба со другите пандемии низ историјата. Дополнително, предизвика значаен глобален импакт што тешко е да се спореди со било која пандемија во минатото. Затоа, мора да се биде внимателен при споредувањето на настаните низ историјата во однос на економските последици“, вели Д-р Бојан Србиноски, економски аналитичар, член на економскиот истажувачки инситут „Finance Think“
„Специфична“ инфлацијата (?)
- Дали покачувањето на цените на разни производи може да се сфати и да се толкува како почеток на поголема инфлација што ќе ги изеде нашите примања и ќе ја загрози нашата егзистенција?
- Во последните неколку недели, нагорните движења на цените на одредени производи ги вознемирија граѓаните создавајќи перцепција дека земјата се движи по инфлаторна спирала. Стравот од „прегревање“ на економијата и инфлација не е присутен само кај граѓаните, туку и кај економските експерти. Тие внимателно го интерпретираат потенцијалниот ефект врз инфлацијата од фискалниот стимулус даден во текот на пандемијата во најголем дел од земјите. Сепак, разградувањето на сложувалката од фактори кои доведоа до притисок врз цените во овој период може да го намали стравот од долгорочна инфлација.
Пандемискиот шок и создадената неизвесност, ќе влијаат на движењето на цените
- Дали експертиите можеа да ја предвидат инфлацијата како последица од пандемијата и дали беше можно некако да се делува за да се ублажат последиците?
- Со оглед на самата природа на пандемискиот шок и создадената неизвесност, очекувани се привремени движења во генералното ниво на цени. Постојат најмалку пет фактори за зголемената варијабилност на инфлацијата во овој период.
Прво, цените на горивата искусија значајни циклични движења во текот на пандемијата каде до април 2020 имаа значаен пад и потоа враќање на предпандемиското ниво со нагорен тренд во 2021.
Второ, пандемијата предизвика асиметрични шокови поттикнувајќи алокација на потрошувачката од еден сектор во друг. Создадената нерамнотежа на одредени пазари ги наруши цените на производите кои се тргуваат на тие пазари.
Трето, бавното приспособување на цените на производните инпути може да предизвика привремена инфлација, бидејќи растот на цените на производите кои имаа зголемена побарувачка е поголем од падот на цените на производите кои имаа пад на побарувачката.
Четврто, прекинот на даночните олеснувања кои се даваа во текот на пандемијата предизвикува привремен раст на инфлацијата, иако тие создадоа надолен притисок врз цените во периодот на нивно имплементирање.
Петто, неизвесноста во поглед на пролонгирање на пандемиската состојба создава притисок за корекција на цените во одредени сектори, особено секторите кои беа погодени од карантините.
Ситуацијата со инфлацијата е под контрола
Во поглед на вториот дел од прашањето, начинот на делување е детерминиран и од целта која се сака да се постигне во дадена ситуација. Во зачетокот на пандемијата кога агрегатната потрошувачка се намалуваше и влегувавме во дезинфлација, Народната банка целеше кон спречување и ублажување на падот при што ги намали каматните стапки. Но сега, Народната банка се соочува со покомплицирана задача, да ја контролира инфлацијата во период кога економијата се уште не заздравила.
- Дали финансиските власти ја имат ситуацијата под контрола и дали таа „ситуација“ може да излезе од контрола?
- Имајќи го во предвид, од една страна, кредибилитетот и експертизата во Народна банка да преземе соодветни чекори кои ќе доведат до стабилизирање на ценовното ниво и од друга страна, привремената природа на движењето на цените поради факторите кои ги споменав, верувам дека ситуацијата е под контрола. Иако, како економисти мора секогаш да ги имаме предвид сите сценарија, вклучувајќи и такво на посериозни инфлаторни движења. Но мислам дека се работи за сценарио со многу мала веројатност на реализација. Клучни ќе бидат очекувањата за инфлацијата на среден рок, движењата на домашната побарувачка и можното пролонгирање на пандемијата.
„Специфична“ инфлацијата (?)
- „Специфична“ инфлацијата (?) - Зошто ваква инфлаторна појава немаше по големата светска економска криза од 2008 година, или по некоја друга пандемија од порано?
- Економската литература покажува дека инфлацијата не е карактеристика на пост-пандемиските периоди низ историјата. Генерално, пандемиите предизвикуваат намалување во агрегатната потрошувачка. И фискалниот стимулус се користи за да се пополни отсуството на потрошувачка од приватниот сектор. Понатаму, пандемиите не резултираат во загуба на физички капитал, туку во загуба на човечки животи. Тоа би можело да води до зголемување на односот физички капитал/работна сила, што (според теоријата) би довело до рамнотежа со пониски реални каматни стапки. Но, мора да се има во предвид дека секој настан/криза има свои специфичности. Оваа пандемија се случува во поинакви времиња во споредба со другите пандемии низ историјата. Дополнително, предизвика значаен глобален импакт што тешко е да се спореди со било која пандемија во минатото. Затоа, мора да се биде внимателен при споредувањето на настаните низ историјата.
НБРМ и понатаму будно да ги следи движењата нацените
- Дали можеме да очекуваме нормализирање на растот на цените, односно на враќање на ценовната стабилност како во предпандемискиот период, или тоа е веќе неповратно?
- Движењата на цените во текот на 2020 и 2021 може да се разберат како компензација на дезинфлаторните движења во зачетокот на кризата кои немаат основа да се одржат на подолг рок.
И покрај привремената природа на сегашните движења на цените, Народната банка мора да остане внимателна. Таа треба да продолжи да ги следи сите економски параметри кои ја диктираат ценовната стабилност. Пред се поради можното нарушување на очекувањата за инфлацијата на среден или долг рок.
Корекција на очекувањата за инфлацијата нагоре може да ја натера Народната банка да наметне порестриктивна монетарна политика. И тоа во период кога побарувачката е се’ уште слаба и постои притисок врз пазарот на труд. Затоа, Народната банка треба да обезбеди навремено и стабилно враќање кон целната стапка на инфлација преку соодветна кредибилна монетарна политика и внимателно комуницирање на своите чекори.
Бране Стефановски