– Со свечена церемонија во величествениот амбиент на Античкиот театар, во саботата беше отворено 65. издание на интернационалниот фестивал „Охридско лето“, водечката културна манифестација во земјата и во регионот.

Со гала концерт на американската и светски позната пијанистка Клер Хуангчи во придружба на оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентска палка на маестро Едвин Аутвотер беше отворено јубилејното издание на фествалот "Охридско лето".
Концертот беше збогатен со иновативен 3D мапинг Рафаел Карико (Португалија), специјално подготвен за отворањето, со што се создаде вистинско аудиовизуелно доживување за публиката од земјата и странство.
Концертот се одржа под мотото „Трансформација на сетилата“, нудејќи ѝ на публиката незаборавно уживање а почна со „Приказна од западната страна” од Леонард Бернштајн, која ја свиреше оркестарот на Филхармонијата.
На отвoрањето, уметничката порака ја пренесе актерот Ѓорѓи Јолевски.
„Во свет на војни, Охридско лето е чин на пркос. Во светот во кој сѐ се мери, уметноста не може. Во денешно време, машините можат да нѐ заменат, но не можат да нѐ разберат. Секој чин на уметност е чин на надеж“, рече Јолевски.
Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателката на државата, Гордана Сиљановска – Давкова, која истакна дека вистинската уметност не е рамнодушна, туку длабоко хумана, не е бескрвна, туку бунтовна, не е привремена, туку безвременска…
„Кога охриѓани ќе ги прифатат славните, но и обичните новодојденци како блиски пријатели, кога градот ќе стане светска уметничка република, чии сезонски жители се жедни и желни за уметност, секој знае и чувствува дека се случува Охридско лето”, рече претседателката Гордана Силјановска-Давкова, покровителка на настанот.
Mинистерот за култура и туризам, Зоран Љутков, пак, истакна дека „Охридско лето“ не е само фестивал, туку духовен завет, жива врска меѓу минатото и иднината, меѓу сјајот на Охрид како вечна духовна престолнина и неговата модерна, европска културна виталност.
Директорот на фестивалот, тенорот Ѓорѓи Цуцковски кажа дека му е драго што повеќе од 500 уметници од дваесеттина земји од целиот свет наредните месец и половина ќе учествуваат на неколкуте фестивалски сцени во Охрид
„Овој фестивал не е само културен настан, туку живо сведоштво за нашата богата традиција и креативна енергија.Ова ќе го претвори градот во светска уметничка метропола. Во фокусот на програмата ќе бидат врвни музички и театарски изведби,“ изјави Цуцковски.
Во текот на четириесет дена, „Охридско лето“ ќе понуди повеќе од 40 уметнички настани, вклучувајќи концерти, театарски претстави, визуелни уметности и крос-жанровски формати. Програмата ќе се реализира на неколку локации низ Охрид, а фестивалот ќе биде домаќин на врвни уметници од светот.
Годинешното јубилејно издание на „Охридско лето“ останува отворено за сите љубопитни умови и љубители на културата, со визија да инспирира, поврзува и збогатува преку моќта на уметноста и технолошките иновации.