Во близина на градот Велење во Словенија во тек се подготовките за изградба на соларната централа „Дружмирје“, првата пловечка соларна централа во оваа земја, која ќе биде лоцирана на езеро создадено со експлоатација на јаглерод.

Проектот претставува клучен чекор во енергетската транзиција на Савињско-шалешкиот регион, особено во контекст на идното затворање на термоелектраната Шоштањ, еден од главните извори на електрична енергија во земјата, но и еден од најголемите загадувачи.
Во моментов се работи на просторни планови кои ќе ја дефинираат големината, економската исплатливост и техничките карактеристики на електраната. Се очекува овие документи да бидат комплетирани во рок од еден месец, по што треба да следат финални преговори со општина Шоштањ.
Словенечкиот холдинг за електрична енергија HSE, кој стои зад проектот, веќе и понуди на локалната власт дел од идното производство на електрична енергија, а се разгледуваат и модели на заедничко самоснабдување за домаќинствата во Шоштањ.
Проектниот менаџер Симон Чижмек посочува дека пловечката централа ќе зафаќа половина од расположливата површина на езерото, а планираното годишно производство е до 140 гигават часови електрична енергија.
Пловечките соларни централи не се нови на европско ниво - земји како Холандија, Германија, Австрија, Швајцарија, Португалија, Франција и Албанија веќе ги имаат, пренесува tportal.