Деновиве беше објавен податокот за висината на просечната плата во Македонија. Изворот на оваа вест е Државниот завод за статистика и тој податок вели дека Македонија е на дното, односно претпоследна во регионов според овој параметар.

Просечната месечна плата по вработен, во јули годинава изнесувала 40.961 денар, или за 1.000 денари помалку од платата во јуни, кога изнесуваше 41.939 денари.

Највисока просечна нето плата за јуни оваа година во регионот има Словенија - 1.501 евро, следува Хрватска -1.315 евра, Србија - 855,8 евра, Црна Гора - 838 евра, Албанија - 757 евра, Босна и Херцеговина - 702,5 евра, - Македонија 683, а Косово околу 520 евра.

Податок за срамење и за жалење. Ако сме во последните во регионов според просечната плата, тоа значи дека сме на дното на Европа, а богами и зад многу држави од светот. Каков удар и каков комплекс нам, на граѓаните, ни создава податокот дека сме сиромашни, или најсиромашни, а сами за себе тврдиме дека сме бистри, шерети, способни, мајстори на занаетот, ама, ете, никој не знае зошто сме сиромашни. Во практиката, покрај сите теории дека богатството не е во парите, туку во некои други нематеријални вредности, сепак сиромаштијаа е црвот што ги јаде и најголемите оптимисти и им ја одзема креативната сила и волјата за живот.    

Имајќи предвид дека висината на просечната плата се вади од просекот на високите плати на државните служби и на високите плати на добростоечките приватни фирми, може да се дојде до заклучок дека намалувањето на просечната плата, според статистиката, укажува на тоа дека приватните фирми и земјоделците се соочуваат со тешкотии со ликвидноста, што не е тешко да се заклучи. Државните службеници си ја земаат гарантиранната плата, работеле - не работеле, буџетот се молзе, а во исто време се кука дека нема пари во него.

Еден многу лош пример, што ја потврдува оваа вистина, деновиве излезе во медиумите. Имено, во време кога пожарите само ова лето голтнаа 10 проценти од македонските шуми и понудата на дрва по регуларен пат е намалена, а се зголемува на црниот пазар, во шумското претпријатие „Лопушник“ - Кичево на хартија има 320 редовно вработени сечачи, но тие не одат на терен, веројатно ги мрзи да се пентарат по планините, па си седат в канцеларија, зашто канцелариската сенка е најдебела, за ралика од шумската. Сечачите не сакале да ги извршуваат работните задачи. Подружницата „Лопушник“ во последниве три години имаше неколку коруптивни афери, со што и’ беше нанесена штета на фирмата од 300 илјади евра. Со слични проблеми и афери се соочуваат и други подружници на јавното претпријатие „Национални шуми“, поради што долгот на претпријатието достигна 10 милиони евра. Но, плата мора да се зема, можеби со задоцнување, но буџетот мора да се молзе и да даде! Од каде? Па, од заеми што треба да го пополнат буџетскиот дефицит проектиран на 5% од БДП за оваа година.

Така, државниот, или јавниот сектор, станува најпосакуваното место за вработување, а алтернативата е – бекство во „Немачка“. Но излегува дека, според вицот, таму е немачка, а за некого овде е „имачка“.    

Некој ќе рече дека намалувањето на просечната плата од 1000 денари не е многу, но во маса тоа е голема пара која нема да се најде на страната на побарувачката. Потоа следуваат верижни реакции - помал приход на страната на  понудата, натамошно намалување на платитие во приватниот сектор, помали придонеси во фондовите итн.

Деновивие исто така некои државни функционери за медиумите изјавија дека тоа што од 2001та (според Рамковниот договор) досега го малаксуваше буџетот, таканаречениот „балансер“, кој налага вработување во јавниот сектор според процентуалната застапеност на етничките заеници, ќе биде заменет со закон за  рамноправна застапеност(?) демек сега немало да има вработувања по етнички клуч, туку според способностите. „Да виду, да не верују!“ Но, и да биде така, пршање е - како ќе се регулира партискиот клуч што му донесе на македонското стопанство само назадување. На власт имаме и ќе имаме мешан партиски етнички состав, односно етнички мешани коалиции конструирани токму за вработување и за контрола на јавните набавки. Значи се’ ќе биде исто, „само него ќе го нема“!

Власта, која и да е, откако го инсталиравме  повеќепартискиот систем, го применува клатното – „едни дојди, други турни“ и така, на таа „автоматика“ нема да и дојде крајот никогаш. Така нестурчноста и баластот врз македонскиот државен буџет ќе ја тегне Македонија само надолу. И втората патека кон сиромаштијата е - како да се надмудри ЕУ.

Дали навистина ќе го дочекаме тоа ниво на свеста -  вработување според спобностите и еквивалентно наградување, е големо прашање, на кое многумина се подготвени да одговорат со - НЕ! До тоа доведе депресијата што си ја создадовме самите.

Финансискиот ситем е еден од столбовите на државата, ако не и најважен, се разбира во мирно време. Штом се нагризува со фискални итроштини и пристрасности, лошо и се пишува на таа држава. Монетарната политика во рецете на Централната бнака еден ден може да потклекне и да дојде до сериозен судир со буџетската политика.

Друга е темата колкава е вистинската просечна плата и колкумина ја земаат. Барем 80 насто од граѓаните сонуваат и за намалениот просек на просечната плата од 1000 денари - 40.961.