Интересот кој последниве неколку дена во Белград владее за театарската претстава „Мојот маж“, работен според истоимената збирка раскази на македонската писателка Румена Бужаровска, со право не тера на помисла дека убавината ќе го спаси светот.

Имено...

- „Мојот маж“ е нова претстава на Југословенскиот драмски театар (ЈДП – Југословенско драмско позориште), работена според збирка раскази на македонската писателка и регионална ѕвезда Румена Бужаровска – стои во објаснувањето.

Режисерката Јована Томиќ постави пет свои приказни како дуодрама на сцената „Студио“, а Румена Бужаровска ја искористи посетата на премиерaта на Белград за да се вакцинира, што, како што рече, е привилегија – пренесе РТС.


Книгите на Румена Бужаровска одат кај читателите како алва. Тие ги препорачуваат, оти човечките судбини се напишани на едноставен и прецизен јазик, за секој лесно препознатлив. Додека сопрузите остануваат само во насловот, во приказните има жени: оние кои се подготвени да страдаат и оние кои се хистерични, подготвени да сакаат, но и да изневеруваат.

Жените не се граѓани од втор ред!


Хероините на Румена се толку живи што им се смееме со целото свое срце...
- Жените понекогаш се однесуваат одвратно, како и мажите. Сето тоа е нормално. Дел од нашето општество. Сакав да покажам реална слика за нашето патријархално и посттранзитивно општество, истакнува Румена Бужаровска за РТС.

Таа смета дека мажите го доживуваат феминизмот како нивниот најголем проблем...


- Мислам дека патријархатот е проблем за секого. Тоа е исто токсичен за мажите, како и за жените, вели Бужаровска.

Според неа, најголемата лага е дека феминистките ги мразат мажите.

- Всушност, шовинистите ги мразат жените, а феминистките не ги мразат мажите, но едноставно не сакаат патријархат, кој ги третира како граѓани од втор ред на овој свет, проценува писателот.

Румена „Не оди никаде...“


Дека интересот за книгите на Бужаровска не спласнува, една домашна вест. Најдобрата збирка раскази од Румена, по кратка пауза повторно во продажба, како трето издание!

Во книгата „Не одам никаде“ Румена Бужаровска одново се потврдува како суверена владарка на расказот во постјугословенската книжевна сцена, како онаа што знае да гледа и да слуша, а најмногу од сè, за тоа беспрекорно да пишува – напиша Кристина Љевак.

Според Оливера Ќорвезироска: Збирката раскази на Румена Бужаровска Не одам никаде е одлична. Од Чкртки (2007) кога ветуваше, во Осмица (2010) кога исполнуваше, преку Мојот маж (2014) кога ѝ се посреќи, наоѓајќи ја златната раскажувачка формула за своето писмо, еве ја Бужаровска повторно чекор потаму. Ретко кој од помладите современи македонски автори има толку јасно дефинирана развојна раскажувачка крива: секоја наредна книга да му биде подобра од претходната.

Бужаровска се потврдува како врвен раскажувач на интимната интроспективност и социокултурна опсервативност, додека во најдобрите од овие раскази – а меѓу овие седум нема ни еден кој би се нарекол просечен или пак солиден: сите се далеку над најквалитетната „конфекциска“ прозна продукција – авторката вистински го допира  филозофскиот спектар од пригушено меланхоличните промислувања и увиди за љубовта, верноста, за самодоволната, себичнa доблест и сиротиот, таинствен грев и многу други нешта со кои се судираме додека неретко боси, пијани, излудени и слепи газиме по срчите на сопствените животи – е ставот на Теофил Панчиќ за делото на Бужаровска.

За Круно Локотар, пак... Станува збор за продорен и храбар увид во човековата природа и општество. Низ секојдневните ситници и детали, Румена Бужаровска раскажува драми какви што самите не би сакале да ни се случуваат.

Збирката раскази „Не одам никаде“ на Румена Бужаровска е книжевно доживување со кое можете да ги пропуштите сите возови, сите автобуси, сите авиони и да не ви е мака за тоа. Да останете читајќи ги и да сте заборавиле дека се стемнило или дека се разденило, да го заборавите детето во градинката или да отидете на лекар за важен преглед. Оваа книга со седум сјајни раскази ќе ве оддели од секојдневието говорејќи точно за истото тоа секојдневие тематизирано со пустата желба на секој од нас да си заминеме од оваа недојдија и да бидеме среќни и задоволни како никогаш досега – напиша Сашо Огненовски.