Само два дена во просек е престојот на странските туристи во земјава. И покрај тоа што се забележува раст на бројот на туристи кои доаѓаат во Македонија, сепак, нивниот престој и понатаму е многу краток. Ова го покажуваат бројките од Државниот завод за статистика.
Бројките покажуваат и дека бројот на туристи кои доаѓаат од странство е скоро дуплиран. Анализа на ДЗС сублимираат дека од 399.680 странски гости во 2013 година, во текот на 2022 година земјава ја посетиле 537.436 гости. Според податоците со кои располага пак Агенцијата за туризам, лани посетите биле уште поголеми.
Состојбите се речиси идентични и кај домашните гости. И во оваа категорија се забележува раст на бројот на посетители, но, не и на бројот на денови кои граѓаните ги одвојуваат од одмор за да посетат некоја домашна туристичка дестинација.

Во 2013 година бројот на домашни туристи бил 302.114, додека 9 години подоцна односно во 2022 година, бројката се зголемила на 431.841 лице. Анализата на Статистика посочува дека од некогашните четири до пет дена престој, Македонците ги намалиле деновите за одмор и за посета на домашна дестинација внатре во земајва. Сега, во просек поминуваат малку помалку од четири дена.
Според последните податоци кои ги објави Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, туристичката индустрија изминатата година ја заокружи со раст во поглед на бројот на странски туристи, ноќевања и девизен прилив. Македонскиот туристички сектор до крајот на 2023 година ќе ја постигне целта од 3,2 милиони ноќевања и повеќе од 550 милиони долари туристички промет.
Во периодот јануари – ноември 2023 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 20,9 отсто, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 0,3 проценти, а кај странските има зголемување за 37,6 отсто. Во периодот јануари – ноември 2023 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 9,8 отсто, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 1,1 процент, а кај странските има зголемување за 23 отсто.
Агенцијата за туризам објави дека е постигнат рекорден туристички прилив од 598.50 милиони долари за 2023 година во македонската економија.
Претходно Државниот завод за статистика во феврураи објави дека во текот на 2023 година се евидентирани вкупно 1.168.730 туристи, од кои 434.598 биле домашни, а 734.139 странски туристи. Според податоците на Државниот завод за статистика, во однос на 2022 година бројот на туристите е зголемен за 20,6 отсто, и тоа кај домашните за 0,6 отсто, а кај странските за 36,6 отсто.
Бројот на ноќевањата, пак, во 2023-та во однос на претходната година е зголемен за 10,1 отсто.