Во Македонија се одржа третата најголема меѓународна конференција за заштита на реките на Југоисточна Европа. Повеќе од 80 експерти од регионот и светот дадоа придонес и разменија мислења околу тоа како да се заштити долното течение на реката Вардар, односно клисурата околу Демир Капија. Конференцијата, која е во организација на Меѓународната организација за заштита на природата, во рамки на иницијативата „Заедно за реките“, има за цел заштита на реките во регионот во должина од 400 километри. Од организацијата „Еко -свест“, по истекувањето на индустриска вода во Крива Река, бараат и апелираат за засилување на инспекцискиот надзор од Министерството за животна средина.

 

За да не ни се случуваат поединчени инциденти, како оној, со загадувањето на Крива Река, треба што поскоро да се донесе новиот закон за води, кој се подготвува веќе четири години, а не влегол во Собраниe. На тој начин ќе може да се применат и европските правила за грижа за реките, а воедно да се надминат и проблемите сдо малите хидроцентрали. Ова го истакна Ѓорѓи Митрески, координатор на програмата за заштита на водите од „Еко -свест“ пред одржувањето на Третата меѓународна конференција за заштита на реките на Југоисточна Европа.

За инцидентот со Крива Река и лабораториските анализи кои потоа ги направија четири различни органи во државава, Митрески смета дека треба да има еден државен орган, за да знае јавноста на кого треба да се верува.  

– Треба да има еден државен орган и тој орган треба да има капацитет. Во моментов во државата има само два водостопански инспектори – тоа е далеку од доволно. Ние активно работевме со Државниот инспекторат за животна средина во државата. Два пати организиравме обука на инспекторите во домен на мерење на еколошкиот проток на водите со цел да ја помогнеме и да ги поддржиме капацитетите на инспекторатот, во мониторинг на малите хидроцентрали, кои исто така, претставуваат еден голем проблем во нашата држава – вели координаторот на програмата за заштита на води од „Еко -свест“.

Од „Еко-свест“ се залагаат за силна инспекциска контрола во работењето на сите чинители за заштита на реката, за да нема поединечни инциденти. Ставот е да се работи на промена на политиките, на засилување на инспекцискиот надзор и воведување на европските начини на управување со реките.

Митрески вели дека се работи на долното течение на реката Вардар и притоките.

– Ние пред две години поведовме иницијатива за прогласување на заштитено подрачје во Општина Демир Капија, со цел заштита на долното течение на Вардар, дел од Демиркаписката Клисура и пет планински притоки – рече Митрески.

Иницијативата е во завршна фаза. Во интензивна комуникација се со Министерството за животна средина коешто прогласувањето и изработката на студија за Вардар кај Демир Капија ја стави во годишната програма. Во комуникација со општината и со советот на општината кои ја прифатија и ќе ја водат комуникацијата со министерството. Во моментот се изработува валоризација на вредностите на идното заштитено подрачје. Студијата треба да биде готова во септември годинава. Општината ќе ја поднесе во министерството, а потоа следуваат законски јавни консултации и изработка на план за управување. Надежта е од следната година тоа да биде веќе заштитено подрачје.

За изработка на студијата со експерти, биолози ќе се консултираат од сите таксономски групи, од ихтиофарма – рибите, хепариската вегетација, цицачи, лилјаци и сите таксономски гурпи кои се присутни на подрачјето, хидролошки истражувања, геоморфолошки, кастни истражувања… Врз основа на податоците ќе се зонира подрачјето.

Новиот закон за води, во чија подготовка учествувал и тим од „Еко -свест“ се работи од пред четири години, но сѐ уште се чека што побрзо да дојде во Собрание. Заштита на реките и кај нас треба да се спрведува според еден водечки документ за заштита на водите, а тоа е Рамковната директива за води на ЕУ. Актуелниот закон за води не ги транспонира тие директиви. Новиот закон ги опфаќа, како еколошкиот проток на водите и поголемо учество на граѓаните.