Во Белград, по безмалку една и пол година (од 1. Јануари 2020-та), вчера престојуваше легендарниот основач на „Рибља чорба“ и еден од најважните регионални музичари – Бора Ѓорѓевиќ.

Тој последниве години со својата нова животна сопатничка Дубравка живее во Љубљана, а изминатава година корона-вирусот беше причината заради која не можеше да патува во Белград, да се види со своите најблиски, пријатели, членови на „Чорба“... Концерти беше невозможно да се држат, па сите на некој начин бевме во илегала.

Кусиот престој на иконата на рокенролот во Белград, тој го искористи за приватни работи, но и за снимање вокали на неколку песни од новиот албум на „Рибља чорба“, кој на големо се подготвува во студиото на Никола Зориќ, клавијатуристот на бендот.

Во дворот на студиото е направена и една фотографија за спомен, која на својот фејсбук-профил ја објави македонскиот новинар Зулфи Назифовски, кој живее во Љубљана и важи за голем и близок пријател, како на Бора, така и на цела „Рибља чорба“.


Ова всушност претставува прва фотографија на „Чорба“ без нивниот бас-гитарист Миша Алексиќ, кој од последиците на корона-вирсот почина лани, на 29-ти ноември.

На неа, освен Бора се и: тапанарот Вицко Милатовиќ, Зулфи Назифовски, Никола Зориќ и гитаристот на „Рибља чорба“ – Видоја Божиновиќ – Џинџер.

Се уште е неизвесно дали некој, и кој, би го наследил Миша Алексиќ на место бас-гитарист на „Рибља чорба“. Од штабот на бендот нема никакви информации, па не се знае дали некој наскоро ќе го зазеде ова важно место во бендот, или, како „Ролингстонси“, кои по заминувањето на Бил Вајман, само како придружен член за концерти и снимања, го земаа басистот Дарил Џонс.

Не се знае ништо ниту околу евентуално објавување на албумот, но тоа дефинитивно ќе биде во текот на 2021-ва.

После една и пол година од последната средба со старите пријатели, Бора во студиото беше како во старите, добри денови, весел и вокално беспрекорен.

Дознаваме дека новите песни се фантастични, и дека публиката наскоро ќе може да ги слушне, на планираните концерти, меѓу кои ќе има и концерт во чест на Миша Алексиќ.