Прометот во градежништвото е намален за 30 проценти, вели за Анторис, Спасе Јакимов, заменик-претседател на Здружението за трговија при Стопанската комора на Македонија и генерален менаџер на компанијата ТУРТЕЛ – Штип.

Прометот во градежништвото е намален за 30 проценти

Трговијата е една карика од синџирот на циркулацијата на стоката до потрошувачот. Трговијата е значаен дел од целата еконимија и учесник во бруто-домашниот производ со значителен процент.

Намалувањето на обемот на трговијата е еден од показателите за тоа каде оди економијата во одреден временски период, дали во експанзија или во рецесија.

Индустријата на градежни материјали, сериозно погодена од кризата


Кога се има предвид градежништвото како една од носечките гранки на економијата, тогаш тоа е уште еден показател преку кој можеме да се ориентираме за падот на економската активност во време на пандемијата, за намалувањето на рабоните места и за продукцијата на додадената вредност.

Компанијата ТУРТЕЛ АД– Штип се занимава со трговија на големо и на мало со дрвена граѓа, дрво за огрев, градежни материјали, железарија, санитарии, материјали за водовод и канализација, опрема за бањи и друго. Нејзиниот прв човек Спасе Јакимов, кој истовремено е и заменик-претседателот на Здружението за трговија при СКМ за Анторис вели дека прометот во градежништвото е намален за 30 проценти во време на здравствената криза. Според него токму тоа покажува приближно колкави се штетите што ги трпи секторот.

Градежните компании, иако не беа најпогодени од здравствено – економската криза, ги почувствуваа последиците од кризата. И тие се соочија со низа проблеми поврзани со продуктивноста на трудот, организацијата на работата на тековните проекти, ликвидноста и наплатата на побарувањата. Особено беше погодена индустријата на градежни материјали. Еден период некои производствени капацитети беа во целосен прекин, а други се соочија со значително намалување на нарачките од деловните партнери.

Плановите на компаниите и очекуваните остварувања не се реализираа во целост, што во најголем дел се должи на намалената продуктивност на трудот и организацијата на работењето во новонастанатите услови.

Во втората половина од годината се очекува раст


Гадежниците очекуваат показателите да покажат нагорен тренд во нивната гранка во втората половина од годинава, со оглед на тоа што градежната сезона почнува да влегува во својот зенит, а се надеваат и на попуштање на здравствената криза.

Според волуменските индекси на Бруто-домашниот производ во 2020 година градежништвото бележи пад од 2,1  отсто споредено со 2019 година.

Градежната оператива во 2020 година извршила градежни работи во вкупна номинална вредност од 28.802 милиони денари.Тоа претставува раст од 2,7 проценти во споредба со 2019 година кога градежната оператива извршила градежни работи во вкупна номинална вредност од 28.043 милиони денари. Нискоградбата, во компарираниот период, бележи раст од  седум отсто, додека високоградбата бележи пад од 3,1 отсто.

Kај обемот на договорени градежни работи во компарираниот период се забележува пад од 6,9 проценти, што пред се’ се должи на падот во високоградбата од 13,7 проценти додека кај нискоградбата има раст од 1,9 отсто.