
Во организација на Спона – Српскиот културно-информативен центар во Македонија, на 25-ти мај, како онлајн настан, премиерно ќе биде изведена претставата „Енциклопедија мртвих – по лавиринтима Данила Киша“, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. Втор проект на Спона на српски јазик, по претставата „Реалисти“, која исто така ја режираше Јаниќијевиќ, по текстот на Јелена Кајго (МНТ, 2018).
- Театар во време на короната. Интригантна претстава по лавиринтите на познатата „Енциклопедија на мртвите“ на Данило Киш. Најдобриот израз на уметноста на денешнината – стои во најавата на организаторот.
Во претставата улогите ги толкуваат: Ивица Димитријевиќ, Слаѓана Вујошевиќ, Владимир Петровиќ, Долорес Поповиќ, Жарко Јовановиќ, и – Александар Прокопиев.
За претставата за која освен режија, Јаниќијевиќ ја осмисли и музиката, драматургијата е на Ивана Нелковска, а кореографијата на Александра Кочовска Начева. Гласот е на Горан Путица, а дизајнот на плакатот на Зоран Кардула.

Запрашан: Зошто Киш и зошто „Енциклопедија на мртвите“, режисерот лани во декември за сајтот на Спона кажа:
- Кога првпат помислив да ја направам оваа претстава, сакав да направам нешто што беше сериозен предизвик. Јас пораснав во Киш, Пекиќ, Павиќ и се прашував која литература е најголемиот предизвик за мене. Тогаш се сетив на Енциклопедијата и решив да ја понудам како проект.Кога повторно ја прочитав, во исто време помислив дека се застрелав во ногата и ми се вратија старите емоции и спомени. Она што можеби не треба да го кажувам, но сепак ќе го кажам, е дека Киш има одличен хумор што не се гледа на првата топка...
Ја одбрав „Енциклопедијата“ затоа што тоа беше крајот на Киш. Во таа книга, веќе беше јасно што се случува со него, каде оди и што ќе се случи на крајот. Чувствував дека е важно за мене да го сторам ова... – потенцираше Јаниќијевиќ во разговорот.
Настанот е закажан во 20 часот. Единствено треба да го зазедете своето место пред компјутерот...