Денес во Даут пашин амам ќе биде претставен проектот на македонскиот национален претставник на 17. Биенале на архитектурата во Венеција, „Сега“ на бирото за проектирање БИНА.

Проектот кој е дело на група коавтори: Ана Рафаиловска, Ивана Чаловска, Енис Абовски, Енес Север, Атанас Наумовски, Амине Адеми, Гаврил Бошковски, Елмедина Хасани, Нита Чавoли, Аида Бакали Салиху и Дрен Невзати.

Избраниот проект „СЕГА“ е симболична претстава на еден отсечок од мноштвото и непосредна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот. Сето ова концептуално открива два аспекти на просторно-временското суштествување, потребата од издвојување и заштита наспроти потребата за симбиотска релација со околината. Концептот се материјализира во дрвена композиција составена од дрвени елементи меѓусебно поврзани во една единствена хармонична просторна структура, архепитизирана рамка, асоцијација на куќа, дом и засолниште.

Тимот кој ќе го подготви павилјонот е сочинет од архитекти, инженери, графички дизајнери и уметници со различна професионална специјализација и лица со различна етничка провениенција, кои ќе го претставуваат мултиетничкиот карактер на Македонија.

Интернационалната изложба на архитектурата во Венеција оваа година ќе се реализира во периодот од 23 мај до 29 ноември и носечна тема е „Како ќе живееме заедно“.

Куратор на годинашното издание на Биеналето е Хашим Саркис, архитект и експерт на Универзитетот МИТ во САД.