Од вкупно 94 котирани компании на Македонска берза 66 оствариле добивка во првиот квартал од годинава, 23 покажале загуба и едно друштво не објавило извештај за работењето. Според финансиските резултати на котираните компании што ги објави Берзата, 66-те друштва реализирале вкупна добивка од 5.163.576.803 денари или 83,86 милиони евра во првите три месеци од годинава. Остварената добивка е за 10,96 проценти подобра во споредба со истиот период лани, кога 63 компании достигнале добивка од 4.653.470.502 денари, односно 75,58 милиони евра.

Од аспект на големината на добивката, меѓу најдобрите пет друштва, на првите места се позиционирани три банки.

И во овој квартал, на чело е Комерцијална Банка со остварена чиста добивка од 19, 20 милиони евра. Како што е наведено во берзанскиот преглед, добивката од 1.179.098.000 денари е за 13,41 процент повисоко од истиот период лани (1.039.695.000 денари, односно 16,88 милиони евра).

На второ место според големината на добивката е Стопанска банка Скопје. Таа изнесувала во првите три месеци од годинава 861.948.000 денари, односно 14,02 милиони евра. Всушност оваа банка има убедливо најголем раст на добивката во однос на истиот период лани, и тој изнесува 23,35 проценти.

Висока добивка, но за 15,48 отсто пониска од споредбениот период бележи НЛБ банка: 678.296.000 денари (11 милиони евра) наспроти 802.487.000 денари (13 милиони евра).

Во првата петорка е и „Македонски телеком“ со профитот од 550.670.060 денари (8,94 милиони евра) што претставува раст од 15,18 насто.

И секако фармацевтскиот гигант „Алкалоид“ со остварената добивка од работењето – 479.529.000 денари, односно 7,78 милиони денари, поголема за 8,59 проценти споредено со први три месеци лани.

Сите овие друштва со најдобро остварени добивки во првото тримесечје од годинава се дел од МБИ10. Покрај нив, добивка оствариле уште две компании кои го сочинуваат македонскиот индекс. Гранит на пример овие три месеци забележал висок раст од 794,98 проценти, во однос на истиот минатогодишен квартал. И Макпетрол бележи раст од 61,62 отсто во однос на споредбениот период, додека Македонијатурист која исто така е дел од оваа десетка, не само што го поправила негативното салдо од лани туку е во позитива. За разлика од нив, ТТК банка овогодишниот прв квартал го завршува со пад од 73,98 отсто во однос на позитивниот лански период. А исто така негативен период со пад од 34,96 отсто бележи и УНИ Банка, која е во состав на МБИ10.

 Инаку според финансиските резултати на котираните друштва за првите три месеци најголем процент на добивката покажале Жито Лукс АД Скопје со раст од 1367,11 отсто во однос на првите три месеци во 2023 година. Практично кај нив добивката од 149 000 денари лани скокнала на 2.186.000 денари годинава. Таков рапиден скок од 1068,37 отсто забележал и Раде Кончар-апаратна техника АД Скопје, кои од 294.000 денари лани, годинава ја зголемиле добивка на 3.435.000 денари.