-Нов стратешки проект вреден една милијарда евра, најави денеска премиерот и како што рече, очекува тој да го зајакне енергетскиот суверенитет на државата и да обезбеди стабилност и безбедност во снабдувањето со енергија.

 

Казанџи груп Турција

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски и претседавачот на турската компанија „Казанџи Холдинг АС“ Шабан Џемаил, денеска потпишаа Меморандум за разбирање со кој се отвора патот за реализација на инвестиција во стратешки енергетски проект во земјава, вреден една милијарда евра.

На официјалниот настан, со потпишување на меморандум со турската компанија „Казанџи Груп“, премиерот порача дека Владата испраќа јасен сигнал – има волја, план и капацитет да го заштити економскиот интерес на државата на долг рок.

„Ова не е само инфраструктурен проект. Ова е проект што ја засега безбедноста, стабилноста и економската иднина на државата. Да имаме свој извор и стабилна дистрибуција значи сигурност, предвидливост и контрола врз еден од најважните системи во државата“, нагласи премиерот.

  • Според него, проектот предвидува три главни компоненти:
  • Развој на нови капацитети за производство на електрична енергија
  • Изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас
  • Мерки за зголемување на сигурноста во снабдувањето со гас

Мицкоски посочи дека со оваа инвестиција ќе се поддржи гасификацијата, ќе се отворат нови работни места и ќе се намали зависноста од увоз на енергија, што ќе ја направи Македонија поотпорна на надворешни економски и политички шокови.

„Оваа соработка е резултат на одговорен пристап, јасна визија и стабилно владеење. Македонија нуди услови за сериозни и долгорочни инвестиции, и денешниот настан е доказ за тоа“, изјави премиерот, упатувајќи благодарност до „Казанџи Груп“ за довербата.

Тој најави дека Владата останува посветена на енергетските политики не како привремени мерки, туку како дел од долгорочен план кој ќе ја позиционира државата како стабилен и самостоен енергетски субјект во регионот.

„Ова е уште еден конкретен чекор напред. Со работа, со стабилност и со партнерства, ги отвораме можностите што ги заслужуваме“, порача Мицкоски.

Претседавачот на турската компанија „Казанџи Холдинг АС“, Џемаил, во своето обраќање истакна дека проектот е веќе готов и по истражувањето направено од страна на професионалци, тој може да отпочне со реализација.

– Разговорите за овој проект се започнати многу одамна. Проектот е веќе готов и сега ќе се направи едно истражување, по што овој проект од една милијарда евра ќе почне со реализација. Овој развој на новите енергетски системи ќе биде под надзор на голем професионализам и се надевам дека ќе направиме голем чекор кон напредокот на енергетиката. Ова ќе биде еден стратешки центар на Балканот. Му благодарам на претседателот на Владата за напорите кои што ги вложува за овој проект и верувам дека ќе се реализира во најблиска иднина, рече Џемаил.

„Казанџи груп“ е светски гигант во енергетиката со преку 25 години искуство, оперира со инсталиран капацитет од над 3.500 MW во осум држави и е активна во 22 земји на четири континенти.