Поради нечитање на водомерите – високи сметки за вода

Голем број граѓани до нашиот медиум упатија писма со поплаки дека послениве месеци, па дури и последниве  две до три години, плаќаат несфатливо високи сметки за вода. Голем број од тие што ни се обратија велат дека се пензионери, живеат сами, по двајца, и сметаат дека висината на сметката што ја плаќаат е нереална. Тие се сомневаат на намерно набивање на сметките со цел предвремена заработувачка од страна на јавното претпријатие „Вододовод и канализација“, дека наплатата се врши паушално, однонсо дека последниве три години во нивните домови нема влезено инкасатор да го прочита водомерот. Дури, некои наши читатели се жалат дека однапред им се наплатени дури 200 кубици вода, што сметаат дека е огромна количина, што не можат да ја потрошат ниту за две години.

За да провериме што е причината за ваквата нереална наплата, преку фејсбук побаравме одговор од генералниот директор на „Водовод и канализација“  Душко Весковски (кој на локалните избори беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Карпош). Ова е неговиот оригинален одговор:

„Може да ги вратиме парите или да бидат одбиени од наредни сметки со 0 денари. Заради короната не читаа редовно и многу луѓе не ги пуштаа внатре“.

На наше барање да добиеме од него поголемо интервју, Весковски ни одгорои:

„За жал треба да предадам функција за некој ден. Во некоја следна прилика, здравје.“

Тоа значи дека новата градоначалничка на Скопје ќе назначи директор од редовите на својата партија.

Останува да се надеваме дека новиот директор, кој и да е и од каде и да е, ќе ја организира инкасаторската служба да работи ажурно, односно да ги чита редовно и прецизно водомерите, со цел граѓаните да плаќаат вода еквивалетно на потрошената количина.

Б.С