И по 30 години се уште лоши услови во студентските домови, факултети со бирократски административни процедури на хартија, непостоење интерес меѓу студентите за вклучување во процесите на одлучување, но и лошо спроведување на практичната работа, за која се смета дека треба да стане задолжителна. Ова се генералните проблеми на македонските студенти во високобразовниот систем.
За нивно надминување, новиот претседател на Универзитетското собрание на УКИМ, Александар Николовски, иницирал средба со Министерството за образование за подобрување на студентскиот стандард.
„Студентскиот стандард не е на задоволително ниво заради првичните услови во студентските домови, нема право секој студент да добие соба, знаеме како одат тие работи при апликација за соби. Реконструкција на студентските домови кои се уште не се започнати за жал. На тој дел треба да се поработи. Доколку ние активно се бориме за тоа што ни треба, ќе го добиеме. За подобрување на студентскиот стандард не се важни само овие аспекти туку и студентската координација, комуниакција и дружба. Тие конекции се потребни за понатамошен развој во кариерата“, вели Николовски.
На иста линија со Николовски е и Ива Олтовска, студентка на втора година на Економскиот факултет. Таа ја истакнува поголемата потреба од практична работа и запознавањето на студентите со работата на компаниите уште во текот на студирањето.
„Тоа е предизвик за студентите - потребна е промена на моделот со повеќе пракса. Имаме теорија, но, не и пракса, вели Олтовска.
Предавања за професорите - подобри техники, ниска култура кај студентите
УКИМ има основано Центар за кариера пред 2 години на секоја единица од факултетите. Изгласана е и комисија за кариерен развој кој заедно со Центарот за кариера ќе спроведува обуки за меки вештини на студентите. Николовски вели дека ќе иницираат практична настава за сите студенти, тоа да стане пракса. Преку измена на програмите ќе иницираат праксата да биде задолжителна во текот на студискиот период.

„Студиските програми се обновуваат на секои три години, но проблемот лежи бидејќи тие не се прилагодени на потребите на пазарот на труд, моделот на практична настава на некои факултети не е задолжителна. Мојата идеја е практичната настава да биде во текот на студиите, а не во текот на летото бидејќи наместо да се изучуваат изборни предмети кои се додаден материјал и не се суштински подобро да се оди на пракса и да се види реалниот бизнис како функционира. Сега студентите кога завршуваат дипломски студии, започнуваат како практиканти. Тоа е жално, бидејќи тие веќе дипломирале и треба да имаат искуство и знаења за да почнеш како нормален работник. Да имаш искуство во работна средина“, вели Николовски.
Тој смета дека има професори од постарите генерации на кои им е слегната работата и едноставно и напредок со цел да ја надоградат. Не ја следат динамиката на напредокот на образованието во светски рамки.
„Факултетите треба да иницираат подобри обуки за професорите. Мора и професорите после вработување да имаат константна надградба.Во приватните компании нон стоп има обуки, тоа мора да се случува и на факултетите.
Професорите следејќи ги новите начини на предавања, мора да има интеракција, професорот да не е заинтересиран. Знаењето на професорите е квалитетно, но, во спој со модерното мора да се подобри“, вели Николовски.
Неговиот став е дека треба да се направи стратегија - дали толкав број на универзитети носи квалитет во образованието или само многу поголем трошок. Посочува дека треба да се размислува можеби и на нивно присоединување, за кое смета дека може да биде болен и тежок процес, но е возможен.
Николовски за таа цел прави и споредба со образовниот систем во Словенија. Таму вели има 2 државни факултети, а во Македонија на речиси 2 милиони жители - дури 7.