
Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј ‒ Струмица го издаде музејскиот водич специјализиран за деца „Патување низ времето“, прв од ваков вид.
Целта на публикацијата е да ѝ овозможи на најмладата популација уште од најрана возраст да се запознае со основните поими на музејската дејност. Автор е Јасмина Пијанманова, која неколку години работи како музејски водич во струмичкиот Завод и музеј, во кој едни од најчестите посетители се токму децата. Водичот е пишуван на јазик соодветен за децата со што сите наоди и материјали во музејската поставка и културното наследство им се прават многу поблиски.
Водичот се состои од основни поими: што е тоа музеј, што е тоа кустос, што е археологија, што е етнологија, значи објаснување за основните поими со кои се среќава секое дете и во едукативната настава и кога доаѓа во музејот. Се објаснуваат појавувањето на првите населби во Струмица, начинот на погребување, легендата за настанувањето на името Струмица, повеќе градски знаменитости.
Водичот има и свој главен јунак, едноокиот мачор Марко. Токму тој ги води децата низ сите тајни од минатото и богатството од артефакти на музејската поставка во Музејот од Струмица. Интересен е фактот што главниот јунак не е измислен туку се работи за вистински мачор кој секојдневно доаѓа во Музејот и се дружи со вработените, но и со посетителите.
Покрај теоретскиот дел, водичот содржи и оригинални илустрации зад кои се потпишува илустраторката Надица Златкова-Митевска. Проектот е реализиран во рамките на годишната програма на Заводот и музеј ‒ Струмица.
А, кога сме кај музеите...
Здружението Македонски национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ), со цел да ја поттикне, популаризира и да ја афирмира музејската дејност, објави конкурс за доделување на Годишната награда 18 Мај – Меѓународен ден на музеите за особени достигнувања во музејската дејност за 2019 и 2020 година.
Материјалите треба да бидат доставени најдоцна до 7 мај 2021 година.

Од Здружението МНК ИКОМ информираат дека поради пандемијата на КОВИД-19 во изминатата година, наградата ќе се додели одвоено за 2019 и за 2020 година. Наградата се доделува во следниве категории: музеј на годината, музејски проект на годината, музејски работник на годината и надворешен музејски соработник.