Во трите држави од „Отворен Балкан“ речиси 2.000 граѓани се пријавиле да добијат сертификат со кој ќе може да најдат работа во соседната земја. За апликантите се потребни и безбедносни проверки. Македонските компании имаат уплав од одлив на работна сила. 

Засега нема подателни информации колку македонски државјани се пријавиле за сертификат во Србија и Албанија одделно, но колку и граѓаните од тие земји се заинтересирани за работа во Македонија. 

Според последните податоци од Државниот завод за статистика објавени на почетокот на март, во Северна Македонија во последното тримесечје од 2023 година имало 9.518 слободни работни места. Најмногу од нив - 2.656 се за работници во услужни дејности и продажба. Следни се од групата „техничари и сродни занимања“ се 1.476, а над илјада слободни работни места има и за „ракувачи и составувачи на машини и постројки“ и за „занимања на неиндустриски начин на работа во производството“.

Пристапот до пазарот на трудот преку „Отворен Балкан“ е за сите во приватниот сектор, а не само за дефицитарните професии. Целта е олеснување за пристап до пазарот на труд на повеќе земји.  Претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангеловски оваа мерка на долг рок ќе има бенефит, но на краток рок – одлевање на кадар. Според него, домашната економија во споредба со другите од „Отворен Балкан“ е најслаба. 

„Српската економија има огромни инвестиции во инфраструктура и останати проекти. Економското ниво им е повисоко и на нив им требаат квалитетни кадри и луѓе кои они би можеле да ги привлечат. Албанската економија исто така има многу позитивни резултати на полето на туризмот и големи инвестиции во инфраструктурата. За жал, во овој момент кај нас не можеме да се пофалиме со добри економски резултати и сметам дека ќе има одлевање на дополнително на одреден број на работници од нашата земја во соседните земји“, вели Ангелоски.

Постапка 

Заинтересираните граѓани за слободен пристап до пазарите на труд на Северна Македонија, Албанија и Србија најпрво треба да извадат идентификациски број на „Отворен Балкан“ на порталот за е-услуги во својата држава, со што потоа аплицираат за одобрение за слободен пристап до пазарот на трудот во останатите две држави. Постапката се одвива целосно електронски и трае до 30 дена.

Откако заинтересираните граѓани ќе поднесат барање за издавање идентификациски број за „Отворен Балкан“ кое веднаш се генерира, следен чекор е со тој број да аплицираат за сертификат за слободен пристап до пазарот на труд во Србија или во Албанија.

Oдговорни институции за спроведување на мерката во Северна Македонија се Министерството за информатичко општество и администрација преку порталот uslugi.gov.mk во делот на издавање идентификациски број за Отворен Балкан, Министерството за внатрешни работи во делот на издавање матичен број за странци и центрите на Агенцијата за вработување во делот за издавање сертификат за слободен пристап до пазарот на труд, со кој се овозможува вработување во Северна Македонија.

Како нови иницијативи кои треба да произлезат од Отворен Балкан се 

- Основање заедничка агенција за привлекување инвестиции на Отворен Балкан
- Промоција на регионот како атрактивна туристичка дестинација и врвно винско и гастрономко поднебје 
- Основање на регионален театарски фестивал на Отворен Балкан
- Основање на регионален филмски фонд на Отворен Балкан
- Организација на регионални младински размени, школи и фестивали 
- Намалување и отстранување на надоместоците и даноците што произлегуваат од постапката на прекугранично движење на луѓето, стоките или услугите.