Охрид – чај без лимон. Охрид е убав, но има вкус на чај без лимон, таков каков што го служат охридските келнери
Охрид – чај без лимон
Како и сите индустриски гранки, така и туризмот е погоден од вишата сила - корона вирусот. Но, македонскиот туризам е погоден плус од сопствената хронича болест - незнаењето, инертноста, некултурата, нељубезноста, лошите патишта, невкусот, кичот и нехигиената.
Охрид, нашиот најголем туристички центар, нашиот Ерусалим, кој никогаш не успеал да докаже дека е тоа, никогаш нема да стане светски туристички центар поради тоа што ние не сакаме и не умееме тоа да го направиме. Господ ни го дал, УНЕСКО ни го признал, ние го уништуваме.
Охрид ја има слчината судбина на Скопје: прекумерна градба, дива градба, легализација на дивите неплански градби, што значи менување на ДУП-овите според желбите. Немање простор, паркинг, губење на автентичноста на градот и неговите древности и на природата, губење на неговата духовност. А, тоа беше магнет за љубителите на мирот и спокојството, за уметноста, што ја нуди Климентовата црква и Света Софија, трагите на византиската уметност, охридскиот дијалект, музиката што сега ја нема никаде и крај нема набројувањето. Во Охрид не можете да слушнете охридска песна. Вечерните содржини на кејот воопшто не одговараат на стилот на градот. Наместо сликари, уметници, улични свирачи, охридски сувенири, бисери, фрески, длаборез во дрво – ве пречекуваат флипери, мерачи на силата на тупаницата, лесковачка скара, околу сите овие селски „чуда“ собрани млади набиладани, удираат во вреќите покажувајќи си ја силата. Сето тоа на Охрид му удава примеси на село.
На шеталиштето во центарот (корзото) главна атракција – две змии, донесени од џунглите на Амазон, купени на црно од препродавачи на животни. Продавачите во маркетите не ви даваат кеса, не ви се обраќаат на вие, туку на ти, и што и да ги прашате одговараат – „ами, не знам“.
Охрид - дестинација од немај-каде
Каде е романтиката, лириката, еротиката, без која не може да се замисли едно вистинско езерско доживување. Затоа Охрид никогаш нема да стане голем туристики центар , туку ќе остане дестинација од немај-каде, одбрана од разни причини во последен момент. Затоа сезоната во Охрид трае еден месец, од 15 лули до 15 август.

Категоризацијата на хотелите е фарса. Во хотел што се рекламира со 4 ѕвезди, наидувате на соба во која огледалото е на пола пукнато, фижидерчето не работи, завесите се искривени, тушот е поткршен, собарките не ги чистат собите додека трае вашиот одмор. Ги барате по ходниците за да ги замолите за тоалет хартија. Келнерите со несоодветна стручна подготовка, чајот го служат без лимон, намуртени, без познавање јазици, освен охридскиот дијалект.
Исклучок од ова правило се големите хотели кои, од државни, транзитираа во акционерски друштва. Но во нив цените се двојно повисоки од просечните полупансионски и се движат околу 100 евра за дневен полупансион за двајца, но се далку од градот, а не располагаат со квалитетна сопствена забава.
Охрид е останат во паланечката обвивка
Кога ќе го видите сето ова се прашувате зошто е тоа така. Има неколку причини: нашата ендемска некултура, провинцијализмот кој е смртно опасен за развитокот на една средина. Охрид е останат во паланечката обвивка од која не може да излезе, што може да се толкува како голема несреќа, иако можеме да речеме дека е наш втор по големина центар, по Скопје.
Големо прашање е: како во Охрид не е прифатено нешто од манирите што ги носат странските туристи во овој град (холанѓаните и другите), туку се’ стои по нашки, по старо. Веројатно одговорот треба да се бара во тоа што паланката во нас не не’ пушта да мрднеме понатаму, да облечеме модерен костум, туку по секоја цена мораме да го носиме истиот излитен громби, зашто ако го смениме ќе бидеме изложени на потсмев од нашите сограѓани. Охрид, како да се плаши од светот, па на тој свет му се спротивставува со својата провиницјалност, односно со својата гордост и со убедување дека е само наш и наша паланечка привилегија. Жал ми е, но тоа е магија од која нема излез.
Се спротивставува на конкуренцијата со релативно високи цени (сите велат, за таа цена во Грција или во Турција ќе добијам многу повеќе). Но, туризмот е занает за итри занаетчии. Сите земји од медитеранот, тоа е моја лична забелешка, одат со ниски цени, но со масовност на гостите. На аеродромот во Барселона, на пример, авионите чекаат ред за слетување, а цените во градот се ниски и така вашиот џеб „страда“ од „евтинија“, но не ви е мака, напротив, вие сте задоволни од тоа што за евтини пари сте купиле многу.
Кој ја спречува стратегијата за развој на туризмот во Охрид
Откако знам за себе, постојано се заговара некоја стратегија за развој на туризмот, божем допрва ќе го измислуваме. Кога ќе се рече „развој на туризмот“ најмногу се мисли на Охрид, зашто тој е нашиот најголем адут, сите други центри или се помали или уназадени или се едносезонски, како Попова Шапка.
Зошто се’ e оставено на погубната рутина, каде е креативноста. Дали поголемата заработувачка не е мотив за креативноста. Или сакаме да заработиме, ама да не вложиме ни пари ни идеја, да поминеме со лесни метални конструкции напикани до пола езеро. И самата УНЕСКО не’ удри по нос и не’ опомена дека тоа не е креација туку дегерадација.
Лани е донесен „План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акционен план“ (2020 2029)“ со богата содржина (огромен материјал во кој е вложем голем труд). Дали ќе се реалзира е големо прашање и неверување, затоа што ниедна стратегија за развој не е реализирана. Кој го спречува спроведувањето? Веројатно некој со мрсни ракави до лактовите, со вратоврска чиј јазол не е преврзан 30-тина години. Охрид е убав, но има вкус на чај без лимон, таков каков што го служат охридските келнери.
Бране Стефановски