Домашните и локални производи, лековитите билки од руралните подраќја во Македонија овој викенд е бидат изложени и презентирани пред сите заинтересирани љубители од нашата метропола на домашно подготвената храна, зимница и пјалаци.

Социјалното претпријатие Билкилајф организира настан „Од рурално до урбано“ – Саем на домашни и природни производи, кој ќе се одржи на 14 март 2026 година во Јавна соба во Скопје.

Настанот има за цел да ги приближи руралните производители до урбаната публика, создавајќи простор за промоција на локалното производство, традиционалните знаења и одржливите практики поврзани со лековитите билки, шумски плодови и автентични вкусови од руралните овоштарници и градини.

Посетителите ќе имаат можност да откријат и дегустираат природни производи создадени со грижа и посветеност – лековити и ароматични билки, природна козметика, мед, земјоделски преработки и рачно изработени производи инспирирани од природата.

На Саемот ќе земат учество и пет локални производители, кои ги поминаа едукативните обуки во рамките на проектот и стекнаа практични знаења за подобрување на продажбата, пласманот и развојот на своите производи и зајакнување на своите капацитети.

Покрај Саемот, во рамките на проектот се реализирани и повеќе едукативни  обуки и работилници, насочени кон развој на одржливо земјоделство со лековити билки. Преку теоретска и практична настава, учесниците се запознаа со основите на органското билкарство, заштитата на билките, како и климатски отпорните земјоделски практики.

Со оваа иницијатива, Билкилајф развива модел на одржливо земјоделство базирано на лековити билки и локални ресурси, што ја поттикнува руралната економија, ја враќа природната рамнотежа и ја зајакнува локалната заедница. Саемот се реализира во рамките на проектот „Со лековити билки до одржливо земјоделство и рурален развој“, со цел да се зајакне врската помеѓу руралното производство и урбаните потрошувачи и да се поттикне поголема поддршка за малите локални производители.

Проектот е поддржан од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, во рамките на регионалната иницијатива Farm to Fork Academy – „Академија, од фарма до вилушка за зелен Западен Балкан – нашата заедничка европска иднина“, финансирана од Европската Унија.