Измените во постапките за одобрување на увоз на возила, кои ќе стапат на сила од денес, 1 септември 2025 година се однесуваат на постапките за: одобрување на тип на возило, единечно одобрување на возило, идентификација и оцена на техничката состојба и издавање на потврди за исполнетост на техничките барања за возилата.
Клучната промена е тоа што, по 17 години од донесувањето на Законот за возила, истиот конечно ќе почне да се применува во согласност со европските стандарди. Промените се резултат на детални анализи и обезбедуваат поедноставен, транспарентен и ефикасен систем, кој гарантира доверба меѓу институциите, импортерите и граѓаните. Тие уследија по работниот состанок на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) со над 40 овластени застапници и импортери на возила во Македонија како и претставници од Државниот пазарен инспекторат, Биро за метрологија и Царината како и професорот Дарко Данев кој ги презентираше измените во постапките за одобрување на возила.
Клучни промени во постапките за одобрување на возила:
- · Одобрување на тип на возило за сите негови варијанти и изведби според WVTA документот, освен ако импортерот не побара поинаку.
- · Единечно одобрување ќе се врши исклучиво за возила за кои не е одобрен типот во РСМ и немаат одобрение за тип во ЕУ преку Биро за метрологија. Возила со претходно одобрен тип во ЕУ или во РСМ немаат потреба од посебна постапка за единечно одобрување и директно одат во постапка за идентификација и оцена на техничката состојба.
- · Импортерите имаат обврска да издаваат потврди за исполнетост на техничките барања за сите возила за кои постоиевропско одобрение на тип (WVTA) или национално одобрување на тип. За останатите возила за кои немаат возила не постои одобрение на тип во РСМ или не постои одобрение на тип во ЕУ, импортерите немаат обврска да ги издаваат потврдите, ваквите возила ќе обезбедуваат потврди од независни институции прифатени од Бирото за метрологија.
- · Грубата пресметка вели дека 1,3 милиони евра годишно досега оделе за TÜV потврди кои не требало да се бараат и тоа најголемиот дел од средствата оделе кај странски компании на кои им се плаќало – процесот сега ќе се регулира преку овластените застапници, домашни македонски компании.
- · Роковите за одобрување на тип во Бирото за метрологија ќе бидат скратени двојно, за побрза и поефикасна постапка.
- · Цените на услугите од Биро за метрологија ќе се регулираат со нов правилник.
- · Потврдите за исполнетост на техничките карактеристики кај застапниците ќе чинат 40-50 евра.
Министерството нагласува дека соработката со застапниците е клучна за успешна примена на Законот и изграден функционален систем на доверба.
„Го зајакнуваме системот на доверба меѓу институциите и импортерите, со јасни правила и навремена услуга за граѓаните. Ова е значаен чекор за приближување кон европските стандарди и подобрување на квалитетот на услугата која ја добиваат нашите граѓани“, изјави министерката Божиновска.
Која додава: „Градиме партнерски однос со импортерите како клучен елемент во процесот на усогласување со европските стандарди. Граѓаните треба да се чувствуваат заштитени и поддржани при секоја постапка за одобрување на возила“.
Министерството ќе продолжи со заложби за поедноставување на постапките во надлежност на Биро за метрологија, сè со цел граѓаните да добиваат поефикасна, транспарентна и достапна услуга.