Од 1 јули ќе стартува проектот со еден „таг“ да се плаќаат патарините во земјите од Отворен Балкан, потврдуваат од јавното претпријатие „Државни патишта“ од каде што велат дека системот за заедничка електронска наплата при патување во Македонија и во Србија ги помина успешно сите тестирања, подготвен е за употреба и е функционален.

Практично започнува да се реализира меѓу земјава и Србија, а подоцна ќе се вклучи и Албанија. Интерес за вклучување во проектот има и од Црна Гора и од Босна и Херцеговина.

Превозниците и граѓаните кои користат „таг“ за наплата на патарините се задоволни од ова олеснување, посебно во време кога на патарините има голем метеж.

Тоа значи дека наместо да запираат или да купуваат дополнителен уред или картичка, возачите ќе може со еден уред да платат патарини и во Македонија и во Србија.

– Во оваа фаза се отклонуваат сите проблеми што се појавуваат во системот од наша страна и од страна на „Путеви Србије“. Ние правиме напори до крајот на месецов да заврши тестирањето и да се отклонат сите проблеми што се појавуваат во оваа фаза – велат од ЈП „Државни патишта“.

Оттаму додаваат дека Србија во оваа фаза имала предност, бидејќи кај нив веќе функционира овој систем.

– Сепак, откако отпочна тестирањето и од нивна страна се појавија проблеми коишто се решаваат тековно – велат од ЈП „Државни патишта“.

Проектот, кој е најавен пред две години, прво беше навестено дека ќе профункционира во септември лани, но како последица на неподготвеноста на македонското претпријатие да се приклучи на заедничката платформа, беше одложен.

– Потребен беше одреден временски период за реализација на интеграција на системите за наплата на патарина. Исто така, потребно беше да се изработи безбеден и ефикасен начин за реализација на трансакциите – појаснуваат од ЈП „Државни патишта“.

– Република Албанија има само една наплатна станица којашто е под концесија и во овој период сè уште не може да се приклучи на проектот, но во иднина кога ќе се создадат услови ќе се вклучи и таа во Отворен Балкан – велат од ЈП „Државни патишта“.

Според анализата направена за проектот, утврдено е дека годишно 300 000 камиони кои користат „тагови“ ги минуваат границите на трите земји членки на иницијативата Отворен Балкан. Дополнително голем број граѓани ги користат „таговите“ за полесно плаќање на патарините. Летниот период кога масовно се користи Коридорот 10 за одмор во Грција бројот на возила кои поминуваат на границите неколкукратно се зголемува.

Се очекува овој систем да го зголеми бруто домашниот производ на секоја учесничка во проектот за еден отсто, а доколку се воспостави на целиот Западен Балкан би пораснал дури за 3,5 проценти.

 Со единствениот систем на патарина ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе се намали метежот на автопатиштата. Новиот начин на плаќање патарина треба да го растовари и протокот на возила на наплатните рампи, а предност за граѓаните е што нема да чекаат во редици во шпицот на сезоната и што побрзо ќе стисаат до посакуваната дестинација.

Цената на еден уред за електронска наплата на патарина (ТАГ) изнесува 1200 денари и минималниот износ за надополнување при купување е 300 денари. Износот на секое наредно надополнување не може да да биде помал од 300 денари.

ТАГ-от (микробранов транспондер) треба да се регистрира (преконфигурира) на веб пoрталот openbalkan-etc.com