Потребно е да се адаптираме на предизвиците кои ги носи денешницата. Особено во делот на климатските промени и животната средина. Бидејќи, тоа влијае и на опстанокот. Досегашното корпоративно однесување на компаниите, продонесе за користење на „нечисти“ технологии, вели Драган Блажев од компанијата „Тимелпроект“, кој има 20 годишно искуство со работа во електроенергетски компании. Како што вели, ефектите се веќе видливи - создавање на стаклени градини, загадувањето се зголемува, а зголемувањето на температурите ќе донесе драстични последици и промени во атмосфера и начинот на живеење.

Промените за кои смета дека е неопходно да се случат се во делот на користењето на енергија од фосилни горива. Но, предупредува дека за тоа се потребни и време и инвестиции.
„Тоа се капитални инвестиции од голема вредност и треба време да се најде финансирање. Но, треба и време да се спроведат. Во државата имаме многу стратегии и акциски планови. Се е добро на хартија. Мене лично ми пречи кога имаме желби и велиме дека че инвестираме во енергетика 4 милијарди евра. А притоа не можеме ни 500 милиони да инвестираме. Но, ние немаме алтернатива во однос на размислување премногу. На пример јагленот кој се уште го користиме и обезбедува преку 80 насто од електричната енергија во земјава е во изумирање. неговиот квалитет опаѓа и алтернативата на тоа е да немаме електрична енергија“, вели Драган Блажев.
Доколку не се случи промена, може да се дојде во ситуација електричната енергија да ја снемаме и да почнеме да ја увезуваме. Од друга страна, ги поздравува напорите за гасифиакција на земјата. Но, смета дека тој процес е премногу транзициски и спор. Иднината ја гледа во инвестирање на фотоволтаични и ветерни централи.

„Интересот е се поголем и ќе биде во следните години. Посебно за обновливите извори за енергија поради атарактивноста и зголемена ефикасност. Ако не ние како домашни инвеститори, странските компании ќе го направат кај нас. Посебно во искористување на фотоволтаични централи и ветерни централи. Бидејќи хидроенергијата е ограничена, на водните ресурси веќе имаме голем број направени мали хидроцентрали. Но, другите типови, тие се многу атрактивни. Ако не можеме нешто да направиме како домашни инвеститори, можат да го направат странските комапнии“, смета Блажев.
Истакна дека компанијата е во завршна фаза на градење на административно - производствен погон со кредит кој го земале од ЕБОР. Кредитната линија која ја финансира ЕБОР за домаќинствата трае веќе четири години и изнесува 85 милиони евра за Западен Балкан. Говорејќи за бројките, посочи дека С Македонија е лидер во споредба со земјите од регионот.