Со две нови државни обврзници кои од денес котираат на официјалниот пазар, техничката Влада ја задолжува државата за дополнителни 2.141.720.000 денари или 34,79 милиони евра. Двете обврзници, издадени на десети мај годинава, се без девизна клаузула, а рокот на доспевање е за две, односно за 15 години, објави Македонска берза.
„Ве известуваме дека согласно поднесено барање од страна на Министерството за финансии на Република Северна Македонија за котација на државни обврзници, почнувајќи од 17.05.2024 година на Официјалниот пазар на подсегментот Берзанска котација ќе бидат примени на котација државните обврзници со одредени карактеристики “, стои во објавата на македонскиот пазар на капитал.
Според оваа објава, емисијата на првата, двегодишна државна обврзница е со вредност од 1.104.420.000 денари, што е противвредност на 17,94 милиони евра. Номиналната вредност на една обврзница е 10.000 денари, а издадени се 110.442 хартии од вредност од овој вид. Каматна стапка на овој вид обврзница е 3,85 проценти. Датумот на издавање на обврзницата е 10 мај 2024 година, па аналогно на тоа датумот на достасување е 10 мај 2026 година.
Втората е петнаесетгодишна обврзница и достасува на 10 мај 2039 година. Од оваа обврзница се издадени 103.730, со номинална вредност од десет илјади денари. Вредноста на емисијата е 1.037.300.000 денари, односно 16,85 милиони евра. За нив е предвидена каматна стапка од 5,60 проценти.
Да потсетиме дека претходното задолжување на Владата беше на 16 април оваа година. И тогаш беа издаени две обврзници. Беа издадени 246.640 обврзници без девизна клаузула во вредност од 2.466.400.000 денари, со 15 годишен рок на враќање и камата од 5,60 проценти. Исто така на 15 години беа издадени и 57.929 обврзници со девизна клаузула со камата од 5,35 отсто. Вредноста на оваа емисија беше 579.290.000 денари.