Од денес на Македонска берза може да се тргува со две нови обврзници издадени од Министерството за финансии на 17 овој месец:

„Ве известуваме дека согласно поднесено барање од страна на Министерството за финансии на Република Северна Македонија за котација на државни обврзници, почнувајќи од 26.02.2025 година на Официјалниот пазар на потсегментот Берзанска котација ќе бидат примени на котација државните обврзници“, информираа од Берзата.

 

На овој начин, преку новите обврзници, државата позајмува 62,9 милиони евра на македонскиот пазар на капитал. Имено, издадени се две нови државни обврзници со рок на доспевање од три и пет години.

Издадени се 67 000 тригодишни обврзници со  номинална вредност од 10 000 денари по една обврзница, или вкупна вредност од 670.000.000 денари на целата емисија. Односно, станува збор за задолжување од 10,9 милиони евра на период од три години. Обврзницата е со камата од 3,65 проценти на годишно ниво и доспева на 17 февруари 2028 година.

Ова значи дека по три години, Владата ќе има обврска да исплати 397.640 евра. Односно на секоја година каматата е 132.547 евра.

Втората обврзница е со рок од пет години и доспева на истата дата, 17 февруари но во 2030 година. И оваа обврзница е со номинална вредност од 10.000 денари, а издадени се 319 900 хартии од вредност со вкупен износ од 3.199.000.000 денари (52 милиони евра). Инвеститорите кои ќе вложат во петгодишната обврзница ќе добијат годишна камата од 3,9 отсто. Вкупната камата пак која државата ќе ја исплаќа на годишно ниво ќе изнесува 2,029 милиони евра, или за петте години Владата ќе исплати 10,145 милиони евра камата.

Обврзниците се котирани на сегментот за тргување со државни обврзници на Македонската берза за хартии од вредност. Купувачи на обврзниците, во најголема мерка, се домашните деловни банки за нив или за нивни клиенти како и инвестициски фондови.

Да потсетиме дека купувањето државни обврзници е една од најсигурните инвестиции, бидејќи државата има обврска да ги врати средствата во договорениот рок, но, приносот што го носат често е помал во споредба со другите инвестициски можности.