Во периодот од 12 мај до 14 мај на Факултетот за електротехника и информациски технологии ФЕИТ во Скопје се одржа натпреварот во роботика, вештачка интелигенција и електроника за учениците во средните училишта од Македонија – ROBOMAC Junior 2025. Главен организатор беше токму ФЕИТ и студентскиот огранок на IEEE.
На натпреварот учествуваа 54 учесници од четврта година од над 20 средни училишта од Македонија, кои се натпреваруваа во две категории. Во категоријата АВТОНОМНА МОБИЛНА РОБОТИКА, организирана од Институтот за автоматика и системско инженерство, медалите ги освоија:
Златен медал:
- Стојан Ковачевиќ, СОУ Гимназија Славчо Стојменски, Штип;
- Марко Ангелов, СУГС Гимназија Орце Николов, Скопје;
- Кристијан Толески, ОЕМУЦ Св. Наум Охридски, Охрид.
Сребрен медал:
- Драгана Саздова, СОУ Коле Нехтенин, Штип;
- Стефан Мустеников, СОУ Гимназија Добри Даскалов, Кавадарци;
- Кристијан Ристески, АСУ Математичко-информатичка гимназија, Скопје.
Бронзен медал:
- Давид Кузмановски, СУГСГ Раде Јовчевски Корчагин, Скопје;
- Бојан Јованов, СОУ Гошо Викентиев, Кочани;
- Давид Маневски, СУГС Георги Димитров, Скопје.
Во категоријата ПАМЕТНА ЕЛЕКТРОНИКА ЗА АВТОНОМНИ ВОЗИЛА, организирана од Институтот за електроника, медалите ги освоија:
Златен медал:
- Филип Николов, СОУ Гимназија Славчо Стојменски, Штип;
- Алек Хаџивасилев, СЕТУГС Михајло Пупин, Скопје;
- Стефан Антиќ, АСУ Математичко-информатичка гимназија, Скопје.
Сребрен медал:
- Лили Бошева, СУГС Гимназија Јосип Броз Тито, Скопје;
- Ивана Мазнејкова, СОУ Гимназија Мирче Ацев, Прилеп;
- Марко Симеонов, СУГСГ Раде Јовчески Корчагин, Скопје.
Бронзен медал:
- Георги Николчов, СУГС Георги Димитров, Скопје;
- Матеја Васојевиќ, СУГС Георги Димитров, Скопје;
- Павел Иванов, ОЕМУЦ Св. Наум Охридски, Скопје.
На отворањето на Робомак, деканот на ФЕИТ, професор Владимир Атанасовски, на денешното отворање на RoboMac изјави дека RoboMac 2025 веќе не е само студентски натпревар, туку RoboMac е симбол.
„Симбол на младешкиот ентузијазам, на безрезервната посветеност, на натпреварувачкиот и истражувачки дух, на иновациите и на бескрајната љубопитност кон технологијата. RoboMac е симбол кој сè повеќе добива препознатливост не само на национално, туку и на регионално ниво. RoboMac е место каде што се среќаваат идни инженери и иноватори, каде што се спојуваат идеите, страста и знаењето. RoboMac е платформа што го надминува класичниот концепт на натпревар – RoboMac инспирира, мотивира и поврзува. RoboMac е поим за роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција во Македонија. Но, RoboMac е и нешто многу повеќе од тоа. Тој е синоним за соработка, за решавање реални предизвици, за креативно размислување и за градење вештини кои се клучни за иднината. Преку натпреварите, работилниците и предавањата, RoboMac создава средина во која младите луѓе учат да соработуваат, да истражуваат, да експериментираат, но и да се забавуваат. За некого, тоа е првиот чекор кон инженерска кариера, а за друг– и почеток на еден животен пат исполнет со страст кон создавање, истражување и напредок“, вели Атанасовски.
.png)
Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова потврди дека овој настан е збир на талентирани умови и доказ за зголемената важност на роботиката и вештачката интелигенција во нашето општество.
„Светот околу нас претрпува брза технолошка трансформација. Автоматизацијата и интелигентните системи суштински ги менуваат индустриите, од производство и здравствена заштита до транспорт и комуникација. Додека гледаме кон иднината, јасно е дека роботиката и вештачката интелигенција ќе играат се поважна улога во обликување на нашите животи“, рече Ангелова.
За Филип Жаков, претседател на студентскиот огранок на Македонската секција на IEEE, RoboMac претставува симбол на амбиција, знаење, визија и упорност.
„Денес, кога зборуваме за вештачка интелигенција, автоматизација и дигитална трансформација, не сме само публика – ние сме тие што го движат процесот напред. ФЕИТ се појасно го препознава значењето на партнерството меѓу генерациите и силата на една средина што вложува во луѓето“, рече Жаков.
Оваа година, RoboMac 2025 беше домаќин на над 60 студенти, распределени во пет натпреварувачки дисциплини. Учесниците развиваа роботски системи што препознаваат визуелни и звучни команди, дизајнираа интелигентни агенти за динамични сценарија, ќе комбинираат машински вид со роботика за автоматизирано сортирање и, за љубителите на брзината, ќе се натпреваруваат во програмирање на автономни тркачки возила.
Овие активности не се само вежби во кодирање их ардвер – тие се лаборатории на креативност, соработка и решавање на комплексни проблеми. Дополнително, во текот на оваа недела, студентите ќе имаат можност и да слушнат предавања од врвни експерти, да се надградуваат, да поставуваат прашања и да добијат повратна информација која ќе им биде драгоцена во нивниот развој. На тој начин, RoboMac остварува уште една значајна функција, а тоа е да биде мост помеѓу академијата и индустријата, меѓу знаењето и практиката.
RoboMac Junior, петти пат, ги отвори вратите за најталентираните 54 средношколци поделени во две категории. За нив, ова е шанса не само да ги покажат своите вештини, туку и да се запознаат со ФЕИТ и можностите што ги нуди факултетот.