Според Регулативата за уништување на шумите (EUDR), од крајот на оваа година повеќе нема да биде можно да се увезува стока што потекнува од области каде што се случило уништување на шумите по 31 декември 2020 година. Правилата важат не само за тропските дождовни шуми, туку и за шумите во Европа. Целта на регулативата е да се спречи уништувањето на шумите поради одгледување земјоделски култури и производство на суровини.

 

Регулативата опфаќа седум клучни суровини: кафе, какао, палмино масло, соја, говедско месо, дрво и гума.

Задолжителни GPS координати и строги казни

Правилата важат и за преработени производи, од чоколадни плочки и кожни торби до мебел од иверица. Компаниите ќе мора да го наведат точното потекло на нивните суровини, вклучувајќи ги и GPS координатите на земјиштето каде што се одгледувани. Неточните податоци или отсуството на потребните информации за геолокација може да резултираат со казни, забрана за увоз или дури и конфискација на производот.

Главниот економист на Комерцбанк, Јерг Крамер, за германскиот Билд изјавил дека бирократијата ќе биде најголемиот предизвик за бизнисот, дури и поголем од високите даноци, цените на енергијата и лошата инфраструктура. Тој верува дека би било доволно сами да се обврзат увозниците да докажат дека стоката не доаѓа од области каде што се случило уништување на шумите во последните пет години, а не од сите компании во синџирот на снабдување.

Трговците и здруженијата предупредуваат на зголемување на цените

Германскиот трговски синџир EDEKA предупредува на огромен административен товар, кој вклучува милиони нови декларации за сообразност дури и за стоки што веќе се проверени, како и за тешка обработка на податоци за геолокација. Истото го вели и Мартин Шулер од Fairtrade Deutschland, кој проценува дека трошоците ќе бидат високи и веројатно ќе бидат пренесени на потрошувачите.

„Како точно оваа регулатива ќе влијае на цените во продажните салони, денес не може да се каже со сигурност“, вели Дирк Хајм од REWE Group. Но, Шулер предупредува дека товарот од новите барања најмногу ќе го почувствуваат малите производители во земјите од Глобалниот Југ, а можен е и недостиг на органски и сертифицирани добавувачи од Fairtrade.

„Идејата е фундаментално добра, но во нејзината сегашна форма не е чекор кон поголема правда - напротив“, заклучува Шулер.