„Никоб“ влегува во здравствениот бизнис- во домашни услови. Планот за прв пат во јавноста беше презентиран во ноември минатата година. Речиси половина година подоцна, од компанијата „Никоб“ соопштија дека идејата е на чекор да стане реализација. И тоа на 7. април, Светскиот ден на здравјето. Кирил Лазаров, сопственикот на компанијата, која нуди услуги за брза и ефикасна безбедност, го претстави и идниот иновативен концепт за здравствени услуги. Достапни за сите граѓани, но, и на готовс на потребите на државата кога има потреба за тоа.

„ПЗУ Никоб медикал“ ќе биде на располагање на граѓаните преку соодветни здравствени услуги во домашни услови. Ќе биде достапна 24 часовна телефонска медицинска консултација, медицински и сантетски транспорт и медицинско обезбедување на јавни настани. Преку ПЗУ Никоб Лаб обезбедуваме и услуги со најсовремена дијагностичка – биохемиска лабораторија и молекуларна дијагностика. Односно услуги во самата лабораторија како и лабораториски услови во домашни услови“, велат од компанијата.


Тимот според најавите е составен од 20 медицински тимови, меѓу кои доктори, медицински сестри. Преку интегриран мониторинг систем со апликација, која ќе им биде достапна на корисниците, ќе се овозможи квалитетна здравствена услуга. На располагање ќе бидат седум возила на брза помош кои ќе опслужуваат во град Скопје. Времето на интервенција на медицинските тимови ќе биде гарантирано.

Во најавата од компанијата, велат дека оваа идеја тлеела со години и претставува дел од 25 годишното портфолио, препознатливи во брзата реакција. Применувајќи ги најсовремените медицински практики, од компаниајта велат дека ќе понудат уникатен концепт во државата,

„Во услови кога се соочуваме со најразорната пандемија која човештвото ја памети во поновата историја и е со искрена намера да им помогнеме на граѓаните и на здравствениот систем воопшто. Ние сме одлучни во овој предизвик. Одлучивме да инвестираме во здравствени политики и во медицински персонал, свесни дека овој кадар е во заминување. И одлучивме да инвестираме во најтешката економска криза за да покажеме дека здравјето на граѓаните нема цена“, се вели во најавата.

На интернет, можат да се најдат завршени или активни огласи за вработување на возачи на амбулантни возила, доктори по општа медицина, потребен кадар за стартување со работа. Засега, нема информации кога официјално кога тоа ќе се случи.

Две посебни компании

Влезот во здравствениот бизнис е преку две засебни компании. Едната е „ПЗУ Никоб медикал Скопје“, која е основана на 30.12.2020 година и според големината е микро претпријатие. Паричниот влог изнесува 5.000 денари. Другата е „ПЗУ Никоб ЛАБ Скопје“, која исто така е микро компанија. Таа е основана на 16 февруари 2021 година или пред нецели три месеци. Нивната адреса ќе биде на улицата Борис Трајковски 62, во општината Кисела вода. Како сопственик на двете компании се води Друштвото за производство, трговија и услуги „Арктек ДООЕЛ Скопје“. Како овластени лица се заведени Кирил Лазаров и Татјана Баевска – Вучковиќ.