
Многу болно звучат гласовите на струмичките земјоделци кои ги истураат здравите, месести, првокласни пиперки ајварки на буниште, затоа што откупната цена не може да ги покие ни основните трошоци за производството, а камо ли да остане нешто, некој денар, повеќе од тоа.
Фрлањето на пиперките занчи фрлање на нивниот труд на буниште и покрај тоа што за да ги израснат вложиле огормен труд на секакви временски услови, со пот, со физички напори и се разбира - пари. Нивната иронија на сопствената мака при самиот чин на истурање на пиперките од тракторот оди вака:
„Дојде Живот! Еве, четири тона пипер, кај ќе заврши на буниште. Господ да им пише грев за хранава на тие со фабриките, на трговците, на нив да пиши, не сме ние криви!“
Апсурдот на овие реченици е невиден, при толкава цена на пиперката на пазарните тезги, недостиг на пиперки, да се фрлаат поради ниската откуна цена. Но, земјоделците се во право, тоа е нивниот револт против организацијата на откупот во оваа држава, која и тоа како е коруптивна.
Земјоделецот што ги фрли 4те тони пиперки вели дека седум дена чекал за откуп, но од откупувачите не му била понудена пазарна цена. Пиперките, норамлно, почнале да скапуваат и тој решил да ги фрли.
Да напоменеме дека откупните цени се исти со ланските, а цените на нафтата, на вештачкото ѓубриво и на други репро материјали се многу повисоки од ланските.
Кризата е огромана, домаќинствата не можат да си дозволат да купат продукти за зимница, па така една навика и традиција за правање домашен ајвар, кој не може да се спореди со купечкиот, се уништува. Некои земјоделци своето производство почнаа да го нудат и на фејсбук, но нема интерес. Правењето ајвар не се само пиперките, ами зејтинот, дрвата…?
Ни лебот не е „сигурен“
Најосновната потреба во исхраната, лебот, од пред кризата доживеа покачување на цената во просек од 80 проценти!!!
Претседателот на Здружението на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија, Горан Малишиќ, за Анторис, вели:
„Уделот на цената на струјата што влегува во цената на лебот е огромен. Ако продолжи да расте цената на струјтата ќе продолжи да расте и цената на лебот и на белите печива. Тоа ќе се случи ако владата не интервенира на некој начин, како што интервенираа другите држави во регионот. Засега, основниот леб што може да се најде на пазарот, бел, сечен или несечен, е поскапен за 80тина проценти, што е помалку во однос на зголемувањето на суровината, пченицата и брашното. Од ова произлегува фактот дека во крајната цена многу малку е влезена цената на струјата, затоа што се работи за општествено одговорни компании, па држат некое минимално ниво, без некој профит. Ако се вгради целата цена на струјата, цената на лебот ќе биде уште повисока. Во моментов сите компании работат на позитивна нула. Но, пак ќе речам дека ако цената на струјата од Нова година порасне, тогаш ќе поскапе и лебот.
Откупот на пченицата заврши уште пред еден месец и тоа по цени според цената на светските берзи. Меркантилната пченица се откупи за околу 20 денари без ДДВ и без превоз. Другите видови пченица, за добиточна исхрана, се откупуваа за поевтина цена, зависно од секој лиценциран откупувач или оператор. Тоа значи дека цената на пченицата не е променета уште од пред жетвата, од март досега. Така што, зголемувањето на цената на лебот, односно на брашното, е веќе вградена во цената, што значи најголем проблем е цената на струјата и на другите енергенси, како на пример, гасот. Ако продолжи поскапувањето на енергенсите, ќе продолжи и поскапувањето на лебот, со што нашата индустрија ќе биде доведена до колапс. Оваа гранка, ако нема соодветна интервенција од државата, ќе биде доведена во ситуација без пари, нема да може да ги сервисира своите плаќања и неможност да ги извршува своите набавки. Тоа е спирала од која тешко се излегува, таа ќе се прелее кон давачките кон државата, кон банките итн, што, ако дојде до тоа, ќе биде навистина крај на работата. Ќе има отпуштање работници. Да напоменам дека досега во мелничко- пекарската индустрија владата нема воопшто интервенирано, како во другите стопански сектори. Минатата недела имавме состаноци во Стопанската комора, од кои излегоа 4 барања до владата, од кои најважното е да интервенира во цената на елктричната енергија, одноно да не’ изедначи со регионот, а тоа значи да не плаќаме повеќе од 6 денари за киловатчас, за да опстанеме. Сметките за струја се енормно високи, па така сите средства ни одат за плаќање струја. Се соочуваме со неможност да ја исплатиме откупената пченица.