По успешната фестивалска премиера на Фестивалот на европски филм во Палиќ, публиката во Србија ќе има можност да го види филмот „Нечиста крв - грев на предците“ во режија на Милутин Петровиќ, веќе оваа недела.

Во Врњачка Бања на 13 август, на отворањето на 45-ти Фестивал за филмско сценарио, потоа во Смедерево на 20 август, на свеченото отворање на четвртиот Дунав филм фестивал, и на 22 август во Ниш, на 56-тиот фестивал на актерски достигнувања - Филмски средби. Филмот ќе биде во главната натпреварувачка програма на овие три фестивали, а актерите и екипата на филмот ќе се поклонат пред публиката по трите проекции на фестивалот.

Белградската кино премиера е закажана за 24, а кино-дистрибуцијата во Србија и низ Европа ќе започне истовремено, на 26 август. За сега нема најава кога „Нечиста крв“ ќе може да го види македонската публика. Барем нема ништо до сега како најава на сајтот на Синеплекс.

Заплетот на филмот „Нечиста крв - грев на предците“ се случува пред раѓањето на Софка и ја следи приказната за нејзиниот дедо Хаџи Трифун, истакнат српски трговец, кој се обидува да го зачува мирот со турските власти, но исто така ја одржува својата репутација и влијание во Врање, важен турски град, во близина на границата со ослободената Србија.


Додека Трифун ги подготвува своите два сина да го наследат како лидер меѓу српскиот народ, тој страда, не само од моќните турски бегови, туку и од неговото семејство. Трифун носи тешки одлуки кои подоцна ќе влијаат на неговите потомци, хероите од романот „Нечиста крв“, култното дело на Бора Станковиќ...

Улогите ги толкуваат Драган Бјелогрлиќ, Анѓела Јовановиќ, Катарина Радивојевиќ, Феѓа Штукан, Тим Сејфи, Нела Михаиловиќ, Марко Грабеж...