Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора денес го промовираа Етичкиот кодекс. Друштва. На прес – конференција во Комората, претседателот на групацијата Никола Јошевски изјави дека со утврдениот Етички кодекс се подобрува услугата кон клиентите и се зголемува одговорноста при кредитирање на клиенти.

Етичкиот кодекс претставува збир на вредности, принципи и добри практики од работењето на 22 -те финансиски друштва, потписници на Етичкиот кодекс, кои се во согласност со законски пропишаните регулативи и ги надградуваат истите. Со практичната примена и почитување на Кодексот се утврдуваат минималните стандарди во работењето на финансиските.
Целта на Етичкиот кодекс, како што нагласи претседателот, е да се унапреди работењето на финансиските друштва и да се подобри корисничкото искуство на нивните клиенти, да се поттикне поголема социјалната одговорност на финансиските друштва, како и да се унапреди релацијата на финасиските друштва со потрошувачите, односно корисниците на нивните услуги.
-Ние како индустрија што се занимава со финансии, односно со кредити, кредитни картички, гаранции и оперативен лизинг одлучивме да одиме чекор напред, создадовме Етички кодекс кој што ќе ја подобри нашата услуга кон клиентите и ќе ја зголеми нашата одговорност при кредитирањето на нашите клиенти. Утврдивме стандарди кои се повисоки од основниот минимум што го предвидува Законот за финансиски друштва и Законот за потрошувачки кредити. Формиравме и Етичка комисија која ќе ги разгледува сите забелешки и проблеми кои ќе се јават во нашата индустрија, односно членките на нашата групација. Со етичкиот кодекс предвидовме вредности со кои се обврзуваме да ги применуваме во нашата работа, а тоа се транспарентност, интегритет, професионализам, доверливост и одговорност. Овие вредности ќе ги применуваме во сите наши дејности, во комункација со клиентите и во одлучување при поднесени жалби, посочи Јопевски.
Кодексот е во функција на клиентите и членките на Групацијата, а секоја забелешка од клиентите ќе биде разгледувана во Етичката комисија која делува во рамки на Стопанската комора.
Јошевски уверува дека правилата за функционирањето на небанкарскиот сектор во овој период се многу затегнати. Така сега бројот на финансиски друштва во земјава е намален од 36 на 27 друштва затоа што девет финансиски друштва ги изгубиле лиценците, не поради неликвидност, туку поради зголемената дисциплина и одговорност, па и трошоци кои некои друштва не можат да ги издржат.
Претседателот на Групацијата посочи и дека драстично е намалена злоупотребата на личните податоци. Сега друштвата кои не работат професионално по две опомени, може да бидат исклучени од нивната Групација. Јошевски објасни дека тие не може да им ја одземат лиценцата за работа, но барем може да ги стават на „црната листа“.
-Ние не можеме да го казниме друштвото кое не работело според законот, ниту пак сме надлежни за одземање на лиценцата, но по две добиени опомени од Министерството за финансии може да го исклучиме од Групацијата, и што е најважно преку интерна циркулација ги известуваме сите членки за одредена нелегална документација или некоја друга аномалија што ќе биде забележана од која било наша членка– објаснува Јошевски.
Финансиските друштва членки на Групацијата при Стопанската комора продолжуваат во континуитет да работат на подобрување на екосистемот за одговорно кредитирање, заштита на клиентите, подобрување на бизнис условите на пазарот, усогласување со глобалните стандарди, како и подобрување на видливоста и репутацијата на небанкарските финансиски институции. Во тој контекст, донесувањето на Етичкиот кодекс следи по Кампањата за финансиска едукација за заштита на личните податоци.